Митева: ДУИ и од образованието прави бизнис, да кажат по чиј налог се кроени условите од тендерот за учебници по англиски

Бизнисмените од ДУИ никако да сфатат дека со образованието не смее да се импровизира, а буџетот служи пред се да се обезбедат квалитетни услови за школување, а не бизниси за профитерите блиски до власта, изјави на прес конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

По вчерашната пресконференција на која објавивме дека МОН преку тендер со фризирани услови сака да намести тендер за учебниците по странски јазик, веќе денес следи признание преку министерството со самиот факт што има нов оглас во кои ги нема претходно предвидените услови.

МОН со условите кои ги предвидуваше, целосно ги исфрлаше од право на учество учебниците на „Оксфорд” и „Пирсон”, кои се професионални учебници од кои учат деца низ целиот свет, во приватните школи низ државата, но од кои до сега учеле и во државното образование.

Бизнисмените од ДУИ, треба да одговорат за кого беа кроени условите во тендерот? По чиј налог во тендерот беа внесени условите, економскиот оператор да има годишен приход од над 20 милиони денари во последните три години? Дали стануваше збор за исполнување на желби на фирми блиски до власта? Распишувањето на нов тендер не ги исклучува од одговорност и напротив е поголем индикатор за интенцијата која ја имале.

Образованието со години тоне, затоа што ДУИ не се грижи за негов раст и развој, туку за раст на нечии приватни сметки. Потрошените денови и месеци за местење на тендери ги чинат учениците изгубени години без квалитетни учебници. На ваков начин, власта оневозможува учебници од врвни издавачки куќи и научни институции да бидат квалитетен наставен материјал.

Со ДУИ во власта, образованието тоне. Време е власта на ДУИ и СДС да оди во пензија, рече Митева.