Митева: СДСМ нема отчет затоа што немаат ништо сработено, се служат со навреди и манипулации кон граѓаните

Искрено жалиме што градоначалниците на СДСМ немаат ниту еден отчет за сработеното, ниту за Струмица, ниту за Центар, за Делчево, Берово, Валандово и останатите општини.  Доколку имаа отчет за сработеното тогаш многу лесна ќе беше улогата на јавноста да спореди и да се увери во се што зборуваме, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, ден по јавно презентираниот отчет на градоначалниците од нејзината партија една година по големата победа на последните локални избори.

„Повеќе од 120 милиони евра за проекти на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, важни проекти за единиците на локалната самоуправа, каде власт е ВМРО-ДПМНЕ се одвиваат секојдневно. Нови булевари, улици, надвозници, се само дел од проектите кои опфаќаат најмногу средства, дури 36 милиони евра. Дополнително, во водоводна и канализациона мрежа се инвестираат 20 милиони евра. Се градат нови градинки, се реконструираат училишта и се вложува во нивно опремување. Силно се поддржува спортот, културата и ранливите категории на граѓани. Со ВМРО-ДПМНЕ никој не е заборавен. Сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ на политичкиот саем докажаа дека имаа исклучително квалитетна година. 365 дена работа, проекти, импозантни резултати, повеќе од 120 милиони евра инвестирани или во фаза на инвестиции се капиталните проекти кои се реализирани од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Митева,

Потсети дека владејачката СДСМ ги остави општините со големи долгови и апатична администрација во голем број општини, сепак градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ реализирале сѐ што ветиле во предизборните кампањи.

„Причината зошто СДСМ се служи со навреди, лаги и манипулации е резултат на нивната нервоза, не умеење да направат нешто за доброто на граѓаните на Македонија, но СДСМ треба да се свесни дека со ваквиот начин го навредуваат македонскиот граѓанин. Додека пак ВМРО-ДПМНЕ со гордост, на дводневен политички саем зборуваше за проекти во секое едно населено место, маало, населба и општина“, рече Митева.

Посочи дека во Струмица не се очекуваат никакви промени, каде градоначалник е поранешниот висок партиски функционер на СДСМ, Коста Костадинов, кој ја продолжува политиката на поранешниот социјалдемократски премиер и партиски лидер Зоран Заев.

„Во општина Крива Паланка хаосот на власта  што се случува на централно ниво се пресликува и на локално ниво, за Крива Паланка слободно можеме да кажеме дека стана град без иднина и без надеж. Валандово во последната година дури и да нема реализиран капитален проект, најголем проблем е невработеноста и потфрлувањето во локалниот економски развој“, посочи Митева.

Заклучи дека тоа се причините зошто, според неа,  СДСМ нема отчет за сработеното, но дека нејзината партија ќе продолжи со работењето, со реализација на ветеното, а резултатите ќе бидат тие коишто ќе ја донесат промената.