Митева: Власта одби експерти на ВМРО-ДПМНЕ во тимот на надворешни работи, затоа што ќе се откриеше за што преговара со Бугарија

„Причината поради која се случуваат сега овие какафонични изјави лежи во тоа што планот на СДСМ по однос на предлогот бил малку поразличен од тоа што сега се обидуваат да го презентираат во јавноста. Односно, при оние телефонски разговори или договарања јасно кажале дека ги прифаќаат сите услови кои што се предвидени во предлогот само да се отпочне првата меѓувладина конференција. Со тоа што од СДСМ се надевале дека истиот ќе биде брзо изгласан во бугарското Собрание. Меѓутоа, таму  состојбите тргнаа во друга насока. Му изгласа недоверба на премиерот Петков и поради тоа имаше повеќе време јавноста да се запознае со предлогот кој што всушност Ковачевски, Бујар Османи и Маричиќ сами го договарале и го создале“, истакна Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Ќе има ли владина одговорност за трајното нарушување на националните интереси?“.

Таа потсети дека ВМРО-ДПМНЕ понуди четири тима во четири клучни области, меѓу кои една од нив беше и надворешната политика, каде добри познавачи на надворешната политика ќе бидат дел и ќе помогнат на оваа Влада во преговорите. Но, дека сега е јасно зошто истиот беше веднаш одбиен.

„Најверојатно од власта не сакале одблиску да ги видиме состојбите за што тие лично преговараат и договараат“, заклучи Митева.

Потпреседателот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски посочи дека новиот концепт треба да биде инклузивен и доколку се случи смена на премиерот со сегашното мнозинство или смена на премиерот и неговиот тим преку нови избори со ново раководство и ново мнозинство кое што би добило доверба од граѓаните, тогаш треба сите партии без разлика кој е на власт и кој е на опозиција заеднички да одговорат на прашањето врз основа на податоците кои што ги има во телеграмите на МНР, кога ќе се случи следното полноправно членство и проширување на ЕУ.

Гордана Силјановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека мора да се стави крај на фаталистичкиот однос.

„А, кон фатализам посегаат или не се имуни на фатализам фрустрирани политичари, политичари кои го гледаат сопствениот, а не државниот и националниот интерес, политичари кои политиката ја сфаќаат како бизнис сфера, политичари олигарси, политичари кои се уморни веќе од товарот на моќта мислам особено на политичарите кои што произлегуваат од ДУИ. И тука би ги спомнала и политичари кои ЕУ ја доживуваат како Ел Дорадо, како совршена заедница догма иако врни политиколози зборуваат за проблемите внатре во ЕУ“, рече таа.

Марјан Ѓорчев истакна дека, во контекст како понатаму, Македонија сама по себе претставува сопствен автентичен вредносен систем со сите недоследности, со сите слабости, цивилизациски градени низ вековите, хармоничен спој на просторот и времето.

„Тој не е идеален, и има многу проблеми, но проблемите произлегуваат од тоа кога политичката интерпретација навлегува во категории во кои што не е дозволено политиката да ги интерпретира. Тука е проблемот. Ние мораме да го надградуваме нашиот македонски вредносен систем. Мораме да создадеме амбиент и тоа во институциите, да продолжиме со стриктна поделба на власта – претседател, извршна власт, законодавна власт и судска власт. Реформи се потребни во правосудството, во здравството, градење на економскиот систем во смисла на нова инфраструктура. И сето тоа претставува наша македонска автентична домашна задача и таа мораме да си ја сработиме“, нагласи Ѓорчев.