Митовска: СДСМ ветуваше социјална парична помош од 200 евра, а со новиот закон тоа нема да се случи

За законот за социјална заштита треба да имаме измени кои што ќе допринесат за подобар живот на лицата со попреченост, а во предложениот закон има многу недоречености. Граѓаните корисници на социјална помош и натаму нема да живеат спокојно, граѓаните очекуваат социјална парична помош од 200 евра, тоа беше ветување на СДСМ, а нема да се случи, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Слаѓана Митовска на денешната јавна расправа за законот за социјална заштита.

Таа посочи дека власта со предложениот закон манипулира со граѓаните, односно ги задржа правата кои корисниците ги добиваа од претходната влада, и сега само им дава ново име и ги најавува помпезно и популистички, иако граѓаните веќе ги добиваа тие средства.

– Граѓаните очекуваат и дека ќе добијат социјална пензија од 6,000 денари. Социјалната пензија која што се најавуваше е постојаната парична помош. И претходно лица над 65 години кои што немаа средства по ниеден основ и имот од кој да се издржуваат користеа постојана парична помош, истакна Митовска.

Исто така додава дека со новите измени власта оди на полошо и им крати дел од средствата на граѓаните кои примаа социјална парична помош.

– Помошта која ја добиваа за еден соуживател беше 6700 денари, а со два соуживатели беше 8700, а сега е 6000 денари. Наместо кон подобро одиме кон полошо, имаат помал паричен износ, вели Митовска.