Митрев: Со паметни потези преку акцизата до раздвижување на економијата!

Граѓанско Демократската Унија истакнува дека државата денеска има систем на царински тарифи кои го „штитат“ увозникот на штета на производителот.

Не се потребни перпетумобиле машини за да ја поместиме македонската економија од статус кво. Понекогаш едноставни производи, како што е и пивото, може да придонесе во раздвижувањето на домашната економија со различни бенефити – отворање на  нови работни места, раст на приходната страна во Буџетот, раздвижување на пазарот и конкуренцијата, па и заштеда во домашниот буџет на домаќинствата. Но, како пивото и пивската индустрија се вклопуваат во концептот на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) која е за намалување на ДДВ од 18 отсто на најмногу 12 отсто, како и за намалување на акцизата на одредени видови стоки, разговараме со Добре Митрев, носител во ИЕ4 од ГДУ.

„Во преговорите за членство во ЕУ, Македонија ќе изоди еден процес на усогласување на домашните акцизи со оние во Унијата, та затоа и го земаме пивото како еклатантен пример. Односно пивото во Македонија има многу повисока акциза во однос на пропишаниот минимален праг на акциза што треба да го почитуваат земјите –  членки на ЕУ поставен со Директивата 92/84 EEC. Тој праг во ЕУ изнесува 1,87 евра по хектолитар по алкохолен степен. Во Македонија, пак, акцизата е 6,5 евра по хектолитар за еден степен алкохолен, односно за три ипол пати е повисок од европскиот. Практично домашната акциза ќе се придвижи кон европскиот процес, но дали навистина е потребно да го одложуваме тој процес“, вели г-дин Митрев.

Практично во Македонија акцизата за пиво со 5 степени алкохол изнесува 32,5 евра/хл, а во Романија – 8.63 евра/хл, во Бугарија – 9,2 евра/хл, во Германија – 9,44 евра/хл, Чешка – 14,69 евра/хл, Австрија – 24 евра/хл и Хрватска – 25,89 евра/хл.

„Оптоварувањето на малопродажната цена на пивото со повисоката акциза влијае и врз продажбата на производот. Односно, ако Македонија не воведеше законските ограничувања во продажбата на алкохол во трговијата и не ја зголемеше акцизата на пивото, домашниот пазар на пиво би ја задржал стапката на раст на потрошувачка помеѓу 1,5% и 1,8% годишно. Односно, само во периодот од 2009 до 2014 година на државата ќе ѝ донесеше вкупно од 23 до 30 милиони евра дополнителен прилив на име акциза и ДДВ од продажбата на пиво. Ова е значајно загубена можност за државата, зашто растот на продажбата ќе значеше и раст на пивската индустрија, односно ќе се креираше потреба за нови вработувања и обезбедување работа за повеќе илјади добавувачи. Тоа индиректно ќе влијаеше позитивно врз уште 15 витални сектори од домашната економија  – земјоделството, трговијата на големо и мало, угостителството и туризмот, транспортот… Практично, секое работно место во оваа индустрија придонесува за стабилноста на 4 други работни места во земјата. Државата немаше да загуби на акцизи или даноци, зашто потрошувачката ќе растеше и преку поголемите количини ќе се влеваа истите приходи во Буџетот“, дообјаснува носителот на ГДУ во ИЕ4, Добре Митрев.

Пивската индустрија ќе значеше и посилна, здрава конкуренција на пазарот, состојба што  Комисијата за заштита на конкуренцијата не успева да ја наметне, та ни се случува производителите да ги уценуваат да продаваат само нивни производи.

Истовремено, напорите на „мали“ претприемачи на пазарот да му понудат т.н. Крафт или занаетчиско пиво се судираат со безброј „административни услови“ кои беспотребно го отежнуваат  секој обид за отпочнување со производство.

Статистички гледано Македонците во моментов се на дното на листата на потрошувачи на пиво во Европа, состојба кон која придонесе и лошата даночна политика на претходните Влади.

Граѓанско Демократската Унија истакнува дека државата денеска има систем на царински тарифи кои го „штитат“ увозникот на штета на производителот.

Затоа денеска хмељ увезуваме од Словенија, аргентински ослич се пакува како домашен производ а истовремено ги оневозможуваме домашните иницијативи за отварање на рибници во земјава. Ги издвоивме овие примери како патоказ на нашите намери за поттикнување на и охрабрување на веќе пројавени иницијативи кои според нас го заслужуваат целото внимание и поддршка. Само погледнете ги бројките – секоја година обработеното земјиште се намалува и секоја година или изборен циклус партиите кои се менуваат на власт, се натпреваруваат и лицитираат бројки за субвенции во земјоделството.  Резултатот е видлив, произведуваме се помалку храна, а ја увезуваме се повеќе