Митревски: Ќе ја подобриме безбедноста и заштитата при работа

Во Македонија е направен напредок во делот на законската регулатива за безбедност и здравје при работа, но се уште има простор за подобрување, оценува претседателот на Сојузот на синдикати Живко Митревски во интервју за МИА.

Иако во Македонија е направен значаен исчекор во делот на регулативата, сепак, самиот факт што во текот на минатата година имаше 98 несреќи од кои, за жал, според информациите што ги имавме, околу 28 се со смртни последици, зборува дека се уште има огромен простор во кој треба да дејствуваат сите чинители. Мислам дека со реализација на сите социјални партнери, вклучително и државата, мора да го подигнеме нивото за обезбедување безбедни работни места, вели Митревски.

Од Синдикатот најавуваат иницијатива за измени на Законот за безбедност и здравје при работа кои ќе се однесуваат на зголемување на улогата на претседателот на синдикалната организација во делот што се однесува на безбедноста и здравјето при работа.

„Нашата оценка е дека синдикалецот мора да биде вклучен во овие активности. Измените се насочени кон тоа дека претседателот на синдикатот мора да биде информиран за сите видови активности поврзани со безбедноста, а посебно писмено да биде известен за сите видови повреди за колективни несреќи, повреди на работа што предизвикуваат времена неспособност за работа во траење повеќе од три дена, како и за секоја појава која претставува непосредна опасност и ја загрозува безбедноста на вработените,“ истакнува Митревски.

Тој нагласува дека во споредба со минатите години има подобрување во делот на безбедноста на работните места и очекува дека со засилените контроли на Министерството за труд и социјална политика и со законските измени што ги бараат ќе обезбедат значително подобра положба во делот на безбедноста и здравјето при работа.

Извор: МИА