Митревски: Македонија ja премолчи забраната на „Трето полувреме“ од министерка за надворешни работи

Кога бугарската министерка за надворешни работи го забрани емитувањето на „Трето полувреме“, тоа беше премолчено од страна на Македонија, потсети режисерот Дарко Митревски во своето гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ . Укажа дека овој филм последно бил емитуван на денот на доаѓањето на бугарскиот премиер Бојко Борисов во Скопје.

-Вие сте виделе во изминативе 2-3 години по потпишувањето на Преспанскиот договор да некаде да се емируваат „Црно семе“ или „Црвениот коњ“? На националните програми? Затоа што оваа нивна министерка за надворешни работи во едно интервју кое што даде за македонски медиум има официјално побарано „Трето полувреме“ да се забрани и беше премолчено во Македонија и скандалозно. Замислете министер на друга земја доаѓа дома и ви кажува што вие треба да гледате и што треба да снимате? Отворено си кажа дека тој филм треба да го снема и го снема. Беше емитуван последен пат на Македонската телевизија на денот на доаѓањето на Борисов во Скопје и мислам дека никогаш повеќе нема да биде прикажан, рече Митревски.

Митревски посочи дека „Трето полувреме“ е базиран на настани кои се случиле и придонесе да се одвиваат такви настани во стварноста.

-Тој е филм кој е правен за минатото, а излезе дека се однесува на иднината. Тоа сценарио е напишано од 2002 година, пред 18 години и на крај памет тогаш не ми било дека ќе предизвика било какви негативни реакции еден ден во Бугарија од многу проста причина. Прво не сум ги познавал работите и не сум знаел дека депортацијата на македонските Евреи и приликите во Вардарска Македонија под бугарска окупација во бугарското општество се забранета тема од завршувањето на војната до денес, дека никој не знае за тоа, додаде тој.