Македонскиот народ треба да е горд со песната „Море сокол пие“, бидејќи таа е испеана токму од македонскиот народ, тоа е стара македонска песна, истакна режисерот Дарко Митревски во вчерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“, зборувајќи за култната сцена од неговиот филм „Трето полувреме“.
„Песната во филмот „Трето полувреме“ беше мој избор, јас сакав да се пее некоја народна песна која што полека како на отпорот на трибините ќе стане фудбалска навивачка песна. И после тоа Кирил Џајковски побара од таа песна „Море сокол пие“, да направи акциона музика за нивниот последен натпревар на кој победуваат. Изборот на песната не беше случаен. Барав нешто што има добар ритам, што може да стане навивачка песна, но што истовремено нема никаква политичка конотација, но има борбеност во неа и има географски поим. „Море сокол пие вода на Вардарот“, не пие на Морава, не пие на Марица туку пие на Вардар. Ние сме народ кој што живее, така на школо нè учеа од левата и десната страна на Вардарот. Таа земја од извора, па до Солун, ние тука живееме, тоа е нашата земја. Таа песна нè дефинира нас, каде сме и кои сме и какви сме. Во песната се опишува некаков јунак, како изгледа тој јунак и како се замислуваме себеси и што посакуваме да станеме. Ама, пак ќе речам тоа мислев ќе е добро за на филм, не мислев дека ќе се случи да го гледаме по улиците на Скопје“, истакна Митревски.
Митревски додаде дека му е драго што луѓето се сеќаваат на песната и ја користат како инспирација за својот отпор, кон една политика, за која смета дека е погубна за државата.
„Не ми се допаѓа што Македонија се силува пред очите на македонскиот народ, и ние како граѓани немаме друго орудие освен песна. Македонија последен пат во ваква ситуација како денес била во Балканските војни. Тогаш Македонците биле без оружје во рацете, без интелектуална елита, разграбани, силувани, обесчестени и поделени. Првпат од тогаш во иста ситуација Македонија денес се наоѓа“, додава тој.
Вели – око не ми трепнува, филмот би го снимил уште трипати ако треба.
„Трето полувреме“ е дел од мојот живот, тоа е сценарио, тоа е приказна која што јас сум ја открил во 1999 година. А, од тогаш поминале 21 година. Јас сум формиран како човек, како уметник низ таа приказна и низ разни други приказни еве една од нив е да речеме оваа афера „Мис Стоун“. Приказните за Македонија од „Досие Скопје“, преку „Балканкан“ до „Трето полувреме“ се мои приказни. Јас никогаш ништо не снимав во Македонија освен приказни за Македонија. И затоа ми е тешко ова што се случува сега, рече Митревски.