Митрополитот г. Јосиф ги повика верниците на прво празнување на денот на Свети Кирил Лешочки

Митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф утрово отслужи литургијата на претходноосветени дарови и проповедаше во соборниот храм св. Кирил и Методиј, од каде ги повика верниците утре, сабота, 25 март да дојдат во Лешочкиот манастир за првото литургиско празнување на Светиот Кирил Лешочки.

По повод утрешниот празник на св. Кирил Лешочки, ден кој беше одреден и од Светиот Архиерејски Синод (САС) на МПЦ-ОА за негов годишен празник, по отслужената литургија и вечерна богослужба беа изнесени и светите мошти на преподобниот Кирил Лешочки на поклонение пред верниот народ.

Митрополитот г. Јосиф во денешната беседа порача дека утре е голем празник и значаен ден за епархијата и Црквата.

– Поминаа само неколку месеци од канонизацијата на светиот Кирил и ете по тие торжествени собитија, на кои се сеќаваме со голема радост, семилостивиот Господ опкружен со македонските светители благоволи да го дочекаме и неговиот светол празник, којшто утре за прв пат по канонизацијата торжествено ќе го прославиме во Лешочкиот манастир, упатувајќи ги нашите молитви кон него како кон наш светител и молитвеник пред престолот Божји. Но утрешното чествување на неговиот празник не е првиот март, во кој ние ќе се собереме во Лешок во спомен на ова наше светило. Повеќето од нас низ годините што изминале, свесни за духовната величина на светиот Кирил секој март со години доаѓале на неговиот гроб и учествувале на поменот со кој го одбележуваме неговиот спомен. Но ако до лани се собиравме и служевме помен, од утре па натаму, секоја наредна година, секој 25 март, ќе се собираме и богослужбено ќе ја пееме неговата служба и молитвено ќе се сеќаваме на неговиот светол лик – истакна митрополитот г. Јосиф.

Тој нагласи оти верува дека во годините што ни претстојат бројот на поклоници во Лешочкиот манастир, кој е нераздвојно поврзан со светиот Кирил, чии мошти почиваат таму – ќе расте, бидејќи, како што рече, неговата светост преку извршената канонизација сега е објавена не само на нашиот православен народ, туку на сите православни христијани ширум светот, порача владиката.

Утре во Лешочкиот манастир во 8 часот и 30 минути ќе има пречек на Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан и архиереите на МПЦ-ОА, по што ќе започне Светата литургија во 8 часот и 40 минути по повод првото литургиско чествување од канонизацијата на Свети Кирил Лешочки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.