Мизрахи: Ја замолчувате Комисијата за никогаш да не се дознае за несреќите на Беса транс и на модуларната

Неприсуството на мнозинството оди во прилог на генерално заташкување, рече Рашела Мизрахи од ВМРО – ДПМНЕ на Постојаната анкетна комисија која не отвори расправа за несреќите на Беса транс и на модуларната болница бидејќи не присуствуваа пратениците од владејачките СДСМ и ДУИ.

– Не постои по морбидна смрт од жив човек да изгори. Да, ние не сме истражен орган, но до денес не слушнавме што се случи со двете несреќи. Морбидноста се преселува и во Собранието бидејќи мнозинството не најде можност да дојде и да расправаме за тоа. Ќе ја стивнете Анкетната комисија за никогаш да не се дознае што се случи со двете несреќи, рече Мизрахи.

Фадил Зендели од Беса истакна дека двете несреќи се прашања што не допираат длабоко во нашите срца, но и во работата на институциите. Тој ја обвини власта дека таа бојкотира но и дека бега од одговорност.