Мизрахи: Ако Филипче не си поднесе неотповиклива оставка и не си замине веднаш ќе докаже дека оставката до Заев била фарса

56

Доколку министерот за здравство Венко Филипче не си поднесе неотповиклива оставка поради пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово во кој загинаа 14 луѓе и не си замине веднаш, ќе докаже дека оставката којашто ја поднесе до премеирот Зоран Заев била само фарса, истакна во четвртокот на прес-конференција Рашела Мизрахи, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Мизрахи потсети дека четири седмции јавноста чекаше да добие одговори и дека во тој период немаше реакција од институциите.

„Насекаде во светот за вакви инциденти и далеку помали од овие оставките се даваат уште првиот ден. Само Венко Филипче наместо да си замине реши да глуми. Сите институции делуваа во насока на заштита на Венко Филипче. Јавното обвинителство наместо веднаш да ги повика на давање на искази и Филипче и Хасани цел месец се занимава со роднините на починатите. Истрагата се држи ниско без воопшто да се викне некој одговорен во институцијата“, рече Мизрахи.

Посочи дека министерот Филипче не чувствува одговорност „без разлика дали причина за пожарот бил кабел, некој штекер, полнач за телефон или некој друг електронски уред кој ќе му текне на Заев“.

Мизрахи истакна дека болницата во Тетово воопшто немала потреба од модуларна болница зошто истата располага со два ката од објект во цврста градба во рамките на болничкиот комплекс, кој требало да биде опремен со медицинска опрема и ќе бил спремен за прифаќање на пациенти.

„Но наспроти тоа Филипче се решил да прави профит на Анѓушев и монтирал картонска болница во Тетово. Таквата модуларна болница не ги исполнува основните градежни стандарди ниту за резистентност на пожар од десетина минути, туку самата изгоре само за 3 минути. Болницата наместо од огноотпорни материјали е изградена од ПУР панели, кои се високо запаливи и при најмало изложување на оган“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение истакна и дека згора на тоа, болницата немала одобрение за пуштање во употреба, туку е пуштена во употреба „на диво“. Како што рече Мизрахи, приклучоците за довод на кислород и струја се правени откако е предадена модуларната болница во употреба, и нема првичен план за такви приклучоци, туку тие се правени дополнително.

„Самиот процес на постапување, вградените материјали и употребата на истите е крајно сомнителен и скандалозен. По ниту едно од поставените прашања на јавноста Филипче не одговори, ниту е повикан во ЈО да даде исказ. Затоа ВМРО-ДПМНЕ побара собраниска седница на која ќе се расправа Извештајот, затоа што власта по секоја цена го спасува Филипче од институционализација на случајот. И Заев и Филипче треба да знаат дека одговорност за овој случај не можат да избегнат и одговорност ќе има“, заклучи Мизрахи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.