Мизрахи: Ако може докторите да одат на работа може и пратениците, онлајн седниците се обид за камуфлажа на проблемите во тенкото мнозинство

Рашела Мизрахи, сегашен пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кога станува збор за предлогот за одржување онлајн-седници на Собранието, смета дека тоа е камуфлажа за собраниските проблеми кои ги има помеѓу тројното партнерство СДС, ДУИ и БЕСА.

„Пратеник значи испратен од народот, со доверба од народот, еден од народот, не поинаку, доколку може професорите да одат на работа, докторите, наставниците, стоматолозите, техничките служби, административните работници, па дури и враќање на децата во предшколска возраст во градинките и во училиштата, зошто јас како пратеник би била изолирана од сето ова и би била дома, јас не сакам да бидам позаштитена, сакам да бидам еднаква со мојот народ, вели Мизрахи.

Оцени дека изнасилените избори во ковид-криза беа направени за да има функционално Собрание, а сега имаме паралемнт кој не е функционален, односно и по 35 дена од верификација на мандатите на пратениците, сѐ уште комисиите не се формирани.

„Се гледа дека има спорна ситуација помеѓу тројното партерство СДС, ДУИ и Беса и поради истото се очекува да имаме вакво онлајн собрание кое што би можело да ги камуфлира собраниските проблеми кои би биле во однос на тенкото мнозинство кое што го има власта во овој момент“ истакна Мизрахи.

Посочи дека на опцијата „мој пратеник“ секој граѓанин може да увиди дека имало пратеници од минатиот мандат кои се појавиле два три пати во Собранието од 100 седници, па очигледно и тогаш имало проблем да се гласа, па се остава сомнеж за камуфлажа на тенкото мнозинство на власта, а една од комисиите за која се преговара е собраниската Комисија за европски прашања.