Мизрахи на средба со претставници на здруженија со инвалидитет: За овие лица потребен е бенефициран стаж, бидејќи инвалидитетот го зема данокот со годините

Министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи при денешната нејзина посета на Гевгелија оствари средби со претставници на повеќе здруженија.

Денеска во Гевгелија се сретнав со претставници од повеќе здруженија, и тоа од Здружението на слепи, Здружението на глуви и наглуви и Здружението на телесни инвалиди ,,Мобилност”, објави на својата Фејсбук страница Мизрахи.

-Целта на средбата беше запознавање на проблемите коишто ги имаат овие целни групи како најранливи во општеството.
Тие ги истакнаа проблемите со кои се соочуваат пред сѐ ограничувањето на додатокот за попреченост со годините. Велат дека инвалидитетот не прашува доба, тој најчесто е траен и со текот на годините се влошува, а не се подобрува. Додека пак за деинституционализација без пристапност не може ни да се зборува, а не да се применува, пишува министерката Мизрахи.

-Во оваа насока, активно ќе се заложам за системско решавање на пристапноста заедно со сите надлежни институции. Нашата цел со Министерството мора да биде изнаоѓање системски решенија за унапредување на социјалната сигурност за оваа група сограѓани во Македонија. Неопходно е да им се овозможи на овие лица активно да учествуваат на пазарот на труд и да придонесат во општеството. Потребно е за лицата со телесен инвалидитет да има бенефициран стаж, затоа што инвалидитетот го зема данокот со годините, вели министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.