(ВИДЕО) Мизрахи порача Царовска да биде прашана каде е новата табла и потсети дека беше цел на антисемитски напад

Техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи предложена од опозициска ВМРО-ДПМНЕ, во обраќањето пред пратениците порача дека хајката против неа која почнала со антисемитски напади, завршила со, како што рече, евтината претстава наречена табла во Министерството за труд и социјална политика.

Дозволете да им се заблагодарам на сите граѓаните на Република Македонија, на ВМРО-ДПМНЕ и на Собранието за шансата да бидам министер. Ми беше чест и задоволство. Уште невлезена во Министерството како прва Еврејка во Владата бев мета на антисемитиски напади. Сите тие напади кон мене се засилуваа кога со факси и докази им презентирав дека Министерството е нефункционално. Конечно хајката против Еврејката Мизрахи од страна на СДСМ заврши, кулминира, со евтина театарска претстава наречена таблата во Министерството. Не ја прашувајте Мизрахи, прашајте ја Мила каде е новата табла. Јас сум Рашела Мизрахи, горда Еврејка од Македонија, рече Мизрахи.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ аплаудираа на говорот на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи од собраниската говорница, на седницата на која се расправа за нејзино разрешување.

„Нарушените меѓучовечки односи, непостоење на вредности, распаднат систем, криење проблеми, очајни граѓани, исплашени вработени во МТСП, тоа се проблемите на Министерството за труд и социјална политика. Уште не влезена во Министерството како прва Еврејка во историјата на Македонија назначена за министер во Влада бев мета на антисемитски напади  од лица кои ниту бираат средства, ниту начин, ниту зборови. Па наместо да ја критикуваат мојата работа, ја критикуваа мојата верска и национална припадност и ме обележаа со жолта ѕвезда“, рече од говорницата на Собранието Мизрахи, за чие разрешување вечерва дискутираат пратениците.

Посочи и дека не може да разбере кога некој ја критикува поради верска и национална припадност. Потсети дека нејзините напади биле осудени од претставниците на ОБСЕ во Македонија, а со, како што рече, бледо соопштение против ова излегоа и токму оние кои го регистрираа.

„Сите напади кон мене, кои почнаа со антисемитизам се засилуваа со секој мој јавен настап, во кој со факти и докази и презентирав на македонската јавност дека системот е дисфункционален, а Министерството за труд и социјална политика е блокирано со илјадници нерешени предмети, ужасна кадровска политика и сето тоа на грбот на граѓаните“, потенцираше Мизрахи.

Според неа, хајката против Еврејката Рашела Мизрахи била со цел да се прикрие вистинската слика за она што се случува во државата и ресорното Министерство, погубните политики на СДСМ…, а таблата,  како што рече, е евтина театарска претстава.

„ Наместо да ме остават да им помогнат на болните, инвалидите, децата и најранливите во ова општество и помогнаа на вицепремиерката Царовска својот грев за непроменување на таблата, од само за неа познати причини, да ми биде препишан мене. Па место таа да објасни за натрупаните нерешени случаи, за донесеното законско решение кејс менаџмент кое е апсолутно дифункционално, за криминалите кои ги направила врз синдикатите, со сета сила, најлесно беше да ја истури својата неспособност и некомпетентност на некој друг и да го обвини за тоа“, рече Мизрахи.

Мизрахи, исто така, кажа дека е граѓанин на Македонија кој никогаш не го прекршил Уставот. Својот говор го заврши со зборовите „Јас сум Рашела Мизрахи, горда Еврејка од Македонија“.

Изрази благодарност до сите граѓани, до Собранието и до ВМРО-ДПМНЕ за укажаната доверба и за номинацијата да биде министер за труди социјална политика во техничката  Влада. Додаде дека имала желба и волја да им помогне и да им служи на граѓаните.

Претходно во петокот доцна вечерта техничкиот премиер од СДСМ, Оливер Спасовски, побара Собранието да ја разреши од должноста поради држењето прес-конференции пред таблата со старото уставно име на земјата Република Македонија. Мизрахи на обвинувањата одговори дека таа табла стоеле во просториите на министерството кога таа ја преземала функцијата од Мила Царовска.