Мизрахи: Власта прави театарски претстави во Собранието поради страв и паника

Во вечерашното издание во емисија „Патот кон“ на ТВ Алсат М гостуваше пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која говореше за моменталната политичка ситуација во земјата, скандалите и криминалните афери на власта, како и лошите мерки на Владата во справувањето со Ковид пандемијата.

Мизрахи потенцираше дека она што се случи во неделата во однос на седницата каде што беа донесени заболени пратеници од ковид-19 во Собранието само придонесе за девалвирање на институцијата и газење врз авторитетот. Таа додава дека седницата наместо да биде плодна и во полза на граѓаните, наликуваше на претстава од театрите, бидејќи ги манипулираа граѓаните во однос на 32-та и 36-та седница, бидејќи граѓаните не ги знаат до детали точките на дневен ред.

– Спикерот Џафери една вечер претходно истакна дека не смее да се носат болни пратеници во Собранието, но исто така притискаше да се стави на дневен ред 32-та седница, која што не беше предвидена за тој ден, односно важни беа мерките од петтиот пакет. Власта изманипулира со граѓаните, бидејќи се задскриваа позади 32-та седница, иако за 36-та седница која што беше најважна во однос на петтиот пакет, беше изгласана од 115 пратеници, односно од целото ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – вели Мизрахи.

Познато е, додава таа, дека власта како во изминатиот период, така и сега ќе се служи со трикови и вакви претстави пред јавноста, бидејќи уште од првиот ден немаат стабилно мнозинство и често се случува да не можат да изгласаат нешто за кое што добиле насока од нивниот лидер.

– СДСМ и власта нека си погледнат во дворот и нека се запрашаат зошто мнозинството е такво какво што е и зошто Собранието функционира онака како што функционира, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не ги избегнува седниците на кои се доделува помош на граѓаните, туку тоа го прави СДСМ – изјави Мизрахи.