Мизрахи – Заев за промената на името

Паратеничката на ВМРО-ДПМНЕ му посочи на мандатарот дека се колнел во своите деца дека нема да го смени името, а тој возврати дека помина времето на лажните патриоти

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи. на денешната собраниска седница за избор на Владата, цитираше стари изјаво на мандатарот Зоран Заев, кому му посочи дека се колнел во своите деца дека нема да го смени името на државата. Заев, пак, ѝ реплицираше на Мизрахи дека помина времето на лажни патриоти.

Мизрахи, во својата дискусија, изнесе критики кон власта околу борбата против корупцијата, растот на економијата, развојот на образованието, справувањето со ковид-кризата…

Заев реплицираше дека се пласираат искривени тези, но тие веќе не поминуваат, а граѓаните за тоа дале потврда на изборите.

„Овие искривоколчени тези повеќе не поминуваат затоа што ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо за да го смени она што беше наша реалност, кога насекаде во светот беве ФИРОМ. Ништо не направивте. Само дома бевме Македонци и зборувавме македонски јазик, а сега сме за цел свет Македонци и зборуваме македонски јазик, признаени од сите“, истакна Заев.

Алудирајќи на реалциите со Бугарија, Мизрахи праша дали сега ќе се откажеме и од Гоце Делчев.

„И сега дали ќе се откажете од јазикот или од Гоце Делчев, како што се откажавте за името за кое се колневте во своите деца“, праша Мизрахи.

Заев, пак, во својата реплика нагласи дека и премиерот на Бугарија Бојко Борисов дошол тука, изразувајќи почит кон еврејската заедница и зборувал за македонскиот народ, за што можело само да се сонува во минатото.

„Ова време на лажни патриоти заврши. Со овие избори е направен пресек. Трубевте со сите можни труби насекаде лажни тези за кои народот на изборите ви потврди дека не ви верува воопшто. Денеска и пермиерите и лидерите на Грција зборуваат за Северна Македонија во која што живеат Македонци што зборуваат македонски јазик“, рече Заев.