Млад Хрват исчезна за новогодишната ноќ во Белград – таткото очаен бара помош на Фејсбук

Белград вообичаено e омилена дестинација за дочек на новата година во регионот, но оваа ќе биде запаметена и по мистерија која се уште трае.

Дочекот на Новата година рано завршил за 27-годишниот Матеј Периш од Сплит кој среде прослава во ноќен клуб во Белград мистериозно исчезнал.

Младиот Хрват со неколку пријатели попладнето на 31 декември од Сплит отпатувал за Србија. Прославата ја започнале во еден ресторан, па продолжиле во ноќниот клуб „Готик“. Околу 2.30 часот по полноќ друштвото забележало дека веќе подолго време го нема Матеј. Почнале да го проверуваат секој ќош од клубот. Неговото палто останало во гардероберот па претпоставиле дека е некаде во близина. Пријателите заминале но утредента сфатиле дека нивниот другар не се вратил па веднаш пријавиле во полиција. Телефонот на Матеј бил исклучен.

Српските власти веќе втор ден интензивно трагаат по младиот Хрват, но се уште нема охрабрувачки вести. На „Јутјуб“ осамна и видео кој го снимил еден од другарите, каде ја доловува цела ретроспектива од ноќта за Нова година и претпоставките што би можело да се случи.

„Она што го зборувавме, еве видете ја оваа ограда. Ако влезел во реката, не можел да падне, оградата е до појасот. Зад оградата еве видете, има уште еден дел. Реката е плитка, еве има таму брод, можел да оди до таму, ако паднал во вода, ако му се случило нешто… “, вели пријател на исчезнатиот Матеј

Татко на исчезнатото момче, Ненад Периш, денеска пристигнува во Белград за да им помогне на надлежните во истрагата. Вели дека неговиот син е мирен и одговорен и дека никогаш не отишол некаде пред да се најави. Се надева дека брзо ќе си го пронајде своето чедо и заедно ќе се вратат во Сплит.

„Ова е едно младо момче на почеток на неговиот живот, со завршен факултет… Ги молам сите кои нешто знаат, да се јават во најблиска полициска станица во Хрватска, во Србија, било каде во станица, да кажат се што мислат дека би можело да помогне, да се расветли оваа мака. Матеј да го најдам, па макар да морам само еднаш да го бакнам.“, вели Ненад Периш, татко на исчезнатиот Матеј

Во моментов се проверуваат снимките од надзорните камери на клубот. Се патролира и на шеталиштето и во водите на Сава. Засега е познато дека пред клубот нема никакви траги на крв, скршено стакло и слично што би асоцирало на евентуална тепачка.