Млад македонски борач нападнат од ривали, избоден во ногата

На меѓународниот боречки турнир „Осми септември“ што во неделата се одржа во спортската сала во Радишани во Скопје се случил инцидент во кој е нападнат малолетен борач на БК Бучим.

Цел на нападот бил Арон Николов, кој бил нападнат од неколку борачи од ривалски клубови и бил избоден во ногата, објавува Ипон. Од БК Бучим очекуваат брза реакција од полицијата и секако од Федерацијата за боречки спортови.

„На 12.09.2021 во 23.30 часот во СВР Скопје, В.С.(38) од Радовиш пријавил дека околу 16.00 часот во спортска сала во населба Радишани во Скопје, по претходно нарушен јавен ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе малолетници, неговиот малолетен внук бил физички нападнат од неколу лица, при што еден од нив му нанел повреда со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во билтенот на МВР.

Извори за порталот „Ипон“ велат дека еден од учесниците во инцидентот попладнево бил приведен во полициска станица.