Млада бразилска музичка ѕвезда загина во пад на авион

Дваесет ишестгодишната бразилска пејачка Марилија Дијаз Мендонса, една од најпопуларнтие современи бразилски пејачки, загина во петокот во воздухопловна несреќа кога мал авион се урнал во југоисточната сојузна држава Минас Гераис.

Покрај пејачката, во несреќата загинал и нејзиниот продуцент Енрике Риберио, помошникот Абициели Силвеира Диаз Гиљо, како и пилотот и копилотот на авионот.

Марилија Мендонса ја стекна славата како икона на бразилскиот кантри музички стил познат како „сертанежо“, освојувајќи го Латинското Греми во 2019 година за најдобар албум во оваа категорија за „Em Todos os Cantos“, а годинава е номинирана за истата награда за албумот „Patroas”. Нејзиниот профил на Instagram го следат 38 милиони корисници на социјалната мрежа.

Мендонса, којашто остави зад себе двегодишен син, требало во петокот навечер да настапи на концерт во градот Каратинга, оддалечен 12 километри од местото на несреќата. Неколку часа пред несреќата на социјалните мрежи објавила видео во коешто се подготвува за качување во приватниот авион.

„Марилија Мендонса зад себе остави наследство за бразилската регионална музика и култура. Таа сигурни нема да биде заборавена“, објави бразилската влада.

„Одбивам да поверувам, едноставно одбивам“, напиша на Twitter бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар, кој е бил пријател со Мендонса.

Засега не се познати причините за несреќата.