Младен Чадиковски е новиот претседател на ЗНМ

Младен Чадиковски е новиот претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Тој беше избран на денешното редовно изборно собрание на кое од вкупно 555 членови присуствуваа 175, а за него гласаа 86. Неговиот противкандидат во трката за прв човек на ЗНМ Стојанче Наумов доби 77 гласови. Досега функцијата претседател на ЗНМ во два мандата ја вршеше Насер Селмани.

Чадиковски по прогласувањето на резултатите од гласањето порача дека во текот на неговиот мандат нема да прави компромис кога станува збор за слободата на говорот и професионализација на медиумите.

-Останувам на постулатите кои ги кажав на почетокот дека нема компромиси во однос на слободата на говорот и професионализација на медиумите и новинарството во Македонија. За тоа ќе се залагаме во следните четири години за да можеме да кажеме дека сме постигнале повеќе од она што досега е постигнато, рече тој.

На денешното Изборно собрание на ЗНМ беа избрани и новите членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор и на Судот на честа.

-Во Македонија во мода е помирувањето како еден термин кој беше промовиран и тој не смее да остане само на збор. Во таа насока сакам искрено и од срце да кажам дека ќе бидам претседател на сите членови на ЗНМ, без разлика од кои медиуми и редакции, телевизии доаѓаат, без разлика од каде јас доаѓам.  Заеднички интерес ни е новинарската професија, а интересите на сопствениците и останатите политички фигури не треба воопшто да не вознемируваат, ниту пак со нив да се занимаваме. Јавниот итерес ќе остане пред се и над се, порача Чадиковски, презентирајќи ја својата програма пред учесниците на Собранието пред гласањето.

Истакна дека лажните вести, дезинформациите, црната пропаганда се мошне чести појави кои треба да се искоренат од новинарската професија и даде коментар на обвинувањата, кои дојдоа на негова сметка дека како уредник во 24 Вести дозволил да се отпушти од работа бремена новинарка.

Претставувајќи ја програмата рече дека слободата на говорот и професионалното новинарство се двата столба „за кои нема да правиме компромис со никој и ништо“.

-Политичарите, особено кога се на власт секогаш имаат цел да го стават новинарството во некои рамки. тоа е можеби природна појава за политиката во Македонија, но многу природно и нормално ќе биде тоа да не им го дозволиме. Ни треба силна новинарска органзиација и професионално новинарство за да се соочиме со предизвиците, порача Чадиковски.