За талентирани млади спортисти: Нови 500 стипендии од септември

Нови 500 млади спортски надежи од септември ќе добијат стипендија преку владиниот проект за стипендирање талентирани млади спортисти, најави премиерот Никола Груевски.

Со тоа, како што нагласи премиерот, и следната сезона за периодот септември – јуни продолжува проектот што Владата го реализира во соработка со спортските федерации.

Од септември 500 нови стипендии за талентирани млади спортисти

Соработката се одвива на начин што секоја федерација има одреден број лица што го предлага до државата за најталентирани спортисти во нивниот спорт што треба да се стипендираат.

Веќе пет до шест години ние секоја година стипендираме 500 млади спортски надежи до 20 години. Стипендирањето е во висина од 20 проценти од просечната месечна плата, околу 4.200 денари и се одвива по пат на соработка со федерациите…Досега во овие пет-шест години се инвестирани околу два милиони евра во стипендирање на млади спортски надежи. Значи, освен тоа што тоа вложуваме во инфраструктурата и градиме многу спортски сали, фудбалски терени, градиме сто фудбалски игралишта за мал фудбал, повеќенаменски спортски игралишта, 120 тениски терени,  даваме и средства за поддршка, односно за стипендирање на најталентираните 500  млади спортисти во Македонија, рече Груевски на новинарско прашање по посетата на населеното место Цветово во рамки на средбите со граѓани во општина Студеничани, пренесе МИА.

Тој очекува до крајот на август да се приберат сите податоци од федерациите и од почетокот на септември да отпочне  исплатата на стипендиите на сите 500 спортски надежи коишто ги делегираат федерациите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.