Младиот кошаркар Бранко го живее американскиот сон

Светот на Бранко се менува со еден повик, барање од странска агенција која се занимава со откривање на млади таленти, која му понудила договор со стипендија за усовршување на своите кошаркарски вештини токму во престижната Академија „Scotland Campus“.

Седумнаесетгодишниот кошаркар Бранко Шуменковски, од пред неколку месеци го живее својот сон. Талентот на младиот скопјанец не остана незабележан и на негова голема среќа и бескрајно задоволство, тој замина во најголемата кошаркарска сила, Соединетите Американски Држави, во престижната спортска Академија „Scotland Campus“ во Пенсилванија. Стартното место на голем број професионални НБА играчи.

Академија „Scotland Campus“ во Пенсилванија

Всушност, светот на Бранко се менува со еден повик, барање од странска агенција која се занимава со откривање млади таленти, која му понудила договор со стипендија за усовршување на своите кошаркарски вештини токму во престижната Академија „Scotland Campus“.

Бранко доби можност за кошаркарски развој и почеток на една успешна кариера, а неговиот пат треба да биде поттик за сите млади спортски таленти кои не треба да се откажат од упорната работа и цврсто зацртана цел, што, сепак на крајот, дефинитивно нема да остане незабележана.

Шуменковски е ученик во Спортската академија, отсек кошарка, а тренира кошарка од девет годишна возраст. Почнува во КК Карпош Соколи, а подоцна продолжува во КК МЗТ, КК Вардар Скопје и КК Феникс, од каде што и заминува на усовршување во САД.

Како талентиран кошаркар, тој активно е вклучен и во македонската младинска репрезентација од свои 14 години.

 

Чекорот да замине од својата татковина за секој млад човек, така и за него не бил лесен. За решеноста и одлуката Бранко да замине преку „барата“, неговиот татко, Димитар Шуменковски, вели дека иако не било лесно, сепак, реалност е дека во Македонија условите за спортување се тешки, а потребни се и големи финанскиски вложувања во младите надежни спортисти, за да се профилираат и почнат успешна кариера.

„Бранко е дете што ја сака и живее за кошарката, а неговите тренери најдобро го знат тоа“, вели неговиот татко, кој упати голема благодарност до тренерот Денис Дервишевиќ, со чија помош Бранко ќе ја продолжи кариерата во Академијата „Scotland Campus“.