Младите лекари порачаа дека се експлоатирани во коронакризата

Додека коронавирусот го урнисува македонското здравство, ресорниот министер Венко Филипче и покрај ветувањата дека ќе го реши статусот на специјализантите, сѐ уште тапка во место. Приватните специјализанти не се вработени, а единствено им е обезбеден одреден износ, во вид на месечен надоместок, а не се ниту здравствено осигурени.

„Како лекар и како министер најмалку што можете е да се изборите да имаат здравствено и социјално осигурување, плата и додатоци за дежурство. Сѐ друго е само експлоатација и жртвување на младите колеги. Доста е веќе е бесплатна и ризична работа!!“, порача вчера Асоцијација на специјализанти и млади лекари – АСМЛ преку статус на социјалните мрежи.

Вo средата министерот за здравство, Венко Филипче се сретна со младите лекари кои се на приватна специјализација на клиниките за нефрологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, неврологија, Клиниката за уво нос и грло и Кожната клиника кои сакаа доброволно да се приклучат во работата во ковид-ентрите на овие клиники. Станува збор за триесетина млади лекари чија помош ќе биде добредојдена на инфективните одделенија.

Иако младите лекари по своја желба се приклучија да помагаат, сепак, министерот за здравство не го исполни своето ветување од пред неколку недели кога вети дека ќе се среди статусот на младите специјализанти и ќе се вработат.

„За приватните специјализанти кои не се вработени е обезбедена сума на средства, во вид на месечен надоместок. Тие не се здравствено осигурани, затоа што не се вработени. Го започнавме процесот, уште претходно пред кризата за нивно вработување во институциите каде што треба. Меѓутоа сега во овој момент имавме таков предизвик кој излезе на површина и разговаравме со претседателката на Комората и тоа што ќе го направиме со брза законска измена“, рече Филипче и додаде дека верува дека ќе успеат во тоа.

Изјавата на министерот за здравство остана во заборав, а процесот на вработување на млади специјализанти тапка во место и покрај писмото кое го испратија ЗЛС – Здруженија на Лекари специјализанти каде што му порачаа дека имал доволно време да ги разреши сите проблеми и да се направи идеална организација на кадарот за борба со Covid-19. Специјализантите јавно го прашаа министерот, дали и понатаму вака ќе се грижи за доктори, за нивното здравје и добросостојбата на нивните семејства.