Младите македонски кошаркари продолжуваат со победи

62

Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија ја забележа и третата победа во низа на Европското Првенство, Б дивизија што се одржува во Унгарија, овојпат славејќи над Швајцарија со резултат 73:63.

„Црвено-жолтите“ влегоа во мечот без никаков притисок, свесни дека во секој случај се првопласирани во групата, па самото тоа придонесе да дојде до опуштање во редовите на македонскиот состав. Сепак, избраниците на селекторот Малинков заиграа најдобро кога беше најпотребно и сосема заслужено стигнаа до нов триумф, па со стопроцентен ефект се пласираа во втората рунда.

Македонија фуриозно го почна мечот, експресно поведувајќи со 10:0, но веднаш потоа дојде до пад во играта на нашиот состав, па противникот експресно се врати намалувајќи на 10:8. Првата четвртина заврши со резултат 19:15, за Македонија повторно да заигра подобро на стартот од вториот период и одново да создаде двоцифрена предност. Швајцарците уште еднаш успеаја да се вратат, па во третата четвртина дури и стигнаа до израмнување (46:46 во 28-та минута), но тоа беше се што оваа селекција успеа да стори.

Македонските младинци заиграа нешто подобро во финишот од третата и пред се на стартот од последната четвртина, кога си создадоа солидна предност, за на крајот да слават со конечни 73:63.

Мекиќ го одигра својот најдобар меч во досегашниот тек од шампионатот реализирајќи 15 поени надополнети со пет украдени топки, а до дабл-дабл стигнаа и двајцата наши високи кошаркари, Младеновски забележа 16 поени и 11 скокови, а Бакоч 11 поени и 14 скокови. Со тоа, беше надополнет слабиот ефект на капитенот Магдевски, кој реализираше девет поени, но со очаен шут од поле и само еден погоден удар од дванаесет обиди (1/5 за тројка, 0/7 за два, 6/6 за еден поен).

Македонија за противници во следната фаза ќе ги има Унгарија и Шведска, а во оваа група ќе пренесе два бода поради победата во меѓусебниот дуел со Белорусија во рамките од првото коло. За „црвено-жолтите“ клучен ќе биде следниот дуел со Унгарија, на кој евентуален триумф ќе значи и сигурен пласман во полуфиналето, со што македонските младинци би се нашле на само еден чекор до големиот успех – влез во елитното друштво.

Извор: Екипа

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.