Млеко ќе има и покрај зголемените трошоци, убедуваат производителите

Производството на сурово млеко е намалено, пред сѐ поради сушата и поскапата добиточна храна, но воопшто не станува збор за траен недостиг на млеко, ниту има простор за такви стравувања, велат домашните преработувачи.

И преработувачката индустрија и производителите се соочени со енормниот пораст на трошоците и поскапувањата на енергенсите за 400 – 500 отсто. Тие вложуваат максимални напори да ја зголемат откупната цена која во однос на лани бележи раст од околу 40 проценти, а кај фармерите со висок квалитет, и над 50 отсто.

– Предизвиците во македонската млечна индустрија не се ништо ново. Во тековниот период производството на сурово млеко е намалено првенствено поради сушата и поскапувањата на добиточната храна од чиј увоз сме традиционално зависни. Сепак, може да се каже дека не се работи за траен недостиг на млеко, нема причини за такви стравувања. Мора да се каже и дека за перцепцијата на недостиг придонесува и зголемената побарувачка и купување поради гласините дека млеко ќе нема, вели за МИА Ѓорѓи Петрушев, претседател на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко, како и на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија во Стопанската комора на Северна Македонија.

Петрушев порачува дека „во ваква ситуација би било добро конечно да дојде и до реализација на најавената исплата на сите заостанати субвенции за литар предадено млеко, како и на најавените интервентни два денара за дел од млекото предадено во 2022 година“.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вчера најави дека Интервентната програма ќе биде дополнета со мерка за финасиска поддршка за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко. Пред два дена, пак, министерот Љупчо Николовски потврди дека млеко ќе има. Како што рече, ќе се обезбедуваат доволно прехранбени производи, а така ќе биде и за млекото.

Од Министерството за економија за МИА велат дека во континуитет се следи состојбата на пазарот со основните прехранбени производи во кои спаѓа и млекото.

– Во изминатиот период се донесоа две значајни мерки: ограничување на трговската маржа до 10 отсто на трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти со важност до 30 септември 2022, како и укинување на царински стапки за увоз на два тарифни броеви од царинската тарифа на именување на млеко и павлака и тоа за некoнцентрирано и без дoдаден шеќер или други материи за засладување со тарифен број 0401 50 39 00 со царинска стапка од 20 отсто и за кoнцентрирано или сo дoдаден шеќер или други материи за засладување со тарифен број 0402 91 59 00 со царинска стапка од 15 тсто. Примената на укинатите царински стапки од 20 на 0 и 15 отсто на 0 проценти почна да се применува на 1 септември 2022 и ќе важи до 31 декември 2022 година, напоменуваат од Министерството за економија.