МЛО: Една четвртина од работниците во светот немаат стабилна работа

Само една четвртина од работниците во светот се среќни поради стабилна вработеност, што ја заостри несигурноста на пазарот на труд, соопшти Меѓународната организација на трудот (МЛО) во својот годишен извештај за вработеност, објавен денеска во Женева.

Документот, кој се однесува за 180 држави и за вкупно 84 отсто од работната сила во светот, открива дека три четвртини од работниците се на времени или краткорочни договори, работат без договор или не добиваат плата.

Меѓу наемните работници помалку од половината (42 проценти) имаат постојан работен договор.

Разликата во приходите на луѓето кои се на постојан и на времен договор за работа се зголемила во последната деценија, па така во Уругвај таа изнесува 65 отсто, а на Филипините 43 проценти.

Меѓународната организација за труд настојува државите да ги исполнуваат законските мерки, да ги заштитат работниците од самоволие и неправеден однос.