ММФ бара реструктуирање на грчкиот долг

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе инсистира на прашањето за реструктуирање на грчкиот долг.

Реструктуирање на грчкиот долг – услов за новиот договор за финансиска помош

Лагард: Неизбежно да се направи реструктуирање на грчкиот долг
Лагард: Неизбежно да се направи реструктуирање на грчкиот долг

ММФ смета  дека е неизбежно да се направи реструктуирање на грчкиот долг  и тоа е услов за новиот договор за финансиска помош.

Како што јавува МИА, управниот директор на ММФ, Кристин Лагард изјавила дека ММФ заклучил оти грчкиот долгот не е одржлив, затоа што може да достигне до 200 проценти од бруто домашниот производ.

Таа, исто така, нагласува дека во неколку наврати тврдела оти значително реструктуирање на грчкиот долг е неопходно за успех на која било програма за помош на земјата.

Лагард нагласи дека програмата ќе бара реални фискални цели, кои ќе треба да се постигнат со јасни мерки идентификувани од самиот почеток и со структурни мерки кои ќе го ослободат потенцијалот на грчката економија, која е ограничена со пречки, заштитни мерки и давачки, пишува МИА.

Грција побара нов заем од ММФ

Инаку, во саботата и официјално, Грција побара нов заем од ММФ. Барањето беше упатено во моментот кога претставници на грчката Влада во повеќе наврати повторија дека во текот на денот Атина ќе почне преговори со кредиторите за одобрување 86 милијарди евра вреден пакет помош за Грција.

Би сакале да ве известиме дека бараме нов заем од Меѓународниот монетарен фонд, ова стои во писмото што министерот за финансии на Грција Еуклид Цакалотос го упати до директорката на ММФ,  Кристин Лагард.

Инаку, покрај тоа што Грција побара нов заем од ММФ, претставници на еврпопските кредитни институции допатуваа во Атина заради придвижување на разговорите за третиот пакет помош за Грција.

Грција побара нов заем од ММФ
Грција побара нов заем од ММФ

ММФ побара грчкиот товар од долгот да биде намален на одржливо ниво, но овој предлог на Фондот (кој е еден од тројката кредитори на земјата) наиде на противење на европските партнери.

Грчките преговарачи, како што пренесува Танјуг, повикувајќи се на Би Би Си, ќе се состанат со претставниците на Европската комисија, Европската централна банка и Европскиот стабилизациски механизам, а процените се дека преговорите за пакетот помош ќе тераат еден месец.

Строгата контрола на капиталот воведена во Грција кон крајот на минатиот месец, останува на сила со цел да се спречи одливот на средства од ослабнатите грчки банки.