ММФ го потврди економскиот раст на Македонија

Асим Хусеин, директорот на европскиот оддел на Меѓународниот монетарен фонд, ги потврди оценките за солиден економски раст за Македонија во текот на оваа година од над 3,5 проценти, како и за следната година, пренесува МИА.

Хусеин, кој синоќа ја претстави економската ситуација во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон, нагласи дека поплавите во Босна и Србија можат да имаат сериозен ефект врз овие две земји.

„Мислам дека генерално целиот регион ќе има економски раст. За Македонија исто така предвидуваме дека и натаму ќе се зголемува економскиот раст. Како што знаете, од 2013 година почна заздравувањето на економскиот раст“, изјави Хусеин.

Според него, главна задачa за регионот, особено за позадолжените држави како Хрватска и Србија, ќе биде да обезбедат раст на кредитните линии за стопанството и финансирање со кредити од странство. Според директорот од ММФ височината на долгот на овие две земји ќе го забави нивниот економски раст.

Дополнително, Хусеин воедно предупреди дека катастрофалните поплави кои ги зафатија Босна и Србија ќе имаат влијание врз нивните економии во текот на оваа година.

Покрај поплавите, дополнителна причина за загриженост, според Хусеин, е кризата во Украина и најавите на Европската Унија за засилени санкции против Русија.

Хусеин ги издвои и Грција, Бугарија, Романија и Унгарија како земји чиј економски раст страда од нивот она корупција. Тој предвиде дека најбргу растечки економии во источна Европа, со по 5 проценти раст, ќе бидат водечката Полска, како и Латвија, која расте особено бргу по големиот пад на економијата во кризата во 2008 година.