ММФ: Макроекономската и финансиската стабилност се задржани, ефектот од кризата е ублажен

29

Доброто управување и преземените активности од Владата и Народната банка ги задржаа макроекономската и финансиската стабилност и го ублажија ефектот на ковид-кризата врз економијата и општеството, се вели во завршната изјава на Меѓународниот монетарен фонд од 10-дневната редовна мисија во земјава, соопшти Министерството за финансии.

Во неа се наведува дека здравјето на граѓаните и зачувувањето на економијата се врвен приоритет на Владата, како и дека следната година ќе се интензивира економската активност по нејзиното намалување во 2020 година како последица од ковид-кризата.

Во изминатите 10 дена мисијата имаше виртуелни средби со министерот за финансии Фатмир Бесими и тимот на Министерството за финансии, на кои во рамки на редовната годишна мисија беа детално разгледани макроекономските состојби и проекции.

Во согледувањата на Меѓународниот монетарен фонд се наведува и дека високите капиталните расходи предвидени со буџетот за 2021 година можат да бидат двигатели на растот, како и дека со буџетот за 2021 се обезбедуваат т.н. бафери во случај да треба да се преземаат нови мерки или, пак, за проширување на постојните како субвенциите за плати и надоместоците за оние што би останале без работа. Исто така, ММФ посочува дека мерката за државно субвенционирање ќе помогне во обезбедување на ликвидност на фирмите.

ММФ во својата завршна изјава потенцира дека клучна цел на Владата е да се постигне поголем раст за да се подобри животниот стандард и конвергенцијата на приходот со другите европски земји, како и дека ова бара инвестиции во човечки и физички капитал. Во изјавата се наведува дека и покрај влијанието на ковид-кризата во економијата тоа не се одразило значајно врз стапката на невработеност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.