ММФ: Мерките да бидат добро таргетирани и да имаат привремен карактер

42

ММФ оценува дека е важно во текот на следните месеци да се дава поддршка на економијата, а мерките да бидат добро таргетирани, да имаат привремен карактер и да се спроведуваат на транспарентен начин. Ова се  дел од пораките  произлезени од состанокот на Народната банка и Министерството за финансии со претставници на Меѓународниот монетарен фонд.

Посебно внимание е посветено на предизвиците во следниот период кога приоритет останува справувањето со здравствената криза што ќе биде од суштинско значење за заштита на економијата и на јавните финансии.

Како што соопштија од НБ, претставниците на ММФ оцениле дека поголеми инвестициски вложувања во следниот период можат да помогнат да се зголеми потенцијалот за раст на економијата.

Во контекст на закрепнувањето на македонската економија, од високите претставници на ММФ е посочено дека голема важност е што финансиската стабилност постојано јакне и што постојано се работи на унапредување на регулативата во оваа сфера. Банкарскиот сектор, којшто е носечки столб на финансискиот систем треба и може да испорача клучна поддршка за економијата и во натамошниот период на ревитализација.

Како што е истакнато на состанокот, и во текот на ковид-кризата не смее да се заборави на структурните реформи коишто се предуслов за натамошниот долгорочен раст на економијата.

Оценето е и дека последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но во голема мера се ублажени преку навремените и соодветни монетарни и фискални мерки. Сега е потребно да се продолжи со постојано следење на состојбите, прилагодување на политиките и преземање на навремени мерки.

На состанокот, организиран онлајн во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, како што информира Народната банка, присуствувале гувернерката Анита Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии Фатмир Бесими, директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер, шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу и резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.