ММФ предупредува на моменталните економски политики во Македонија

Меѓународниот Монетарен Фонд во понеделникот излезе со соопштение во врска со извршената мисија и разговори за економската состојба во Македонија, и притоа се анализирани се повеќе области, меѓу кои економскиот развој, животниот стандард на граѓаните, фискалната политика и стабилноста на монетарниот и финансиски сектор.

ММФ нотира многу проблеми и предизвици за Македонија. Моменталната поставеност на економските политики ја ставаат државата во многу опасна ситуација при идни поголеми економски шокови. Владата троши и се задолжува премногу, а не генерира економски развој. Целокупната политичка нестабилност, немањето владеење на право, чувството на незаконитост и високото ниво на корупција кои се основните причини за идните предвремени парламентарни избори во 2020 година, воедно претставуваат и ризик за економскиот развој во наредната година.

Најпрво, ММФ е загрижен од честите измени на Законските решенија. Особено се загрижени за промената на прогресивниот данок после само 9 месеци од неговото имплементирање. Од соопштението може да се заклучи дека ММФ не разбира зошто се прави ваква промена.

За мерката МОЈДДВ, тоа што многупати го зборувавме, сега и ММФ го потврдува: „Веќе имплементираната мерка за поврат на ДДВ („Мој ДДВ”) – наменета за подобрување на наплатата на приходите ќе придонесе за зголемување на трошоците“, а нашата оцена како дополнување на ставовите на ММФ во однос на овој проект останува, дека граѓаните не треба да глумат даночни инспектори, туку за тоа има стручни државни институции. Поради сето ова, сметаме дека бенефитот од овој проект ќе биде минимален.

Во делот на проектираниот буџетски дефицит, ММФ ја потврди тезата дека трошењето ќе биде високо на владината агенда. Очекуваниот дефицит за 2020 година ќе биде 2.5% од БДП.

Најголема е критиката кај капиталните инвестиции, односно таму каде моменталната влада неславно успеа да постане најлошиот тим за реализирање на капиталните инвестиции – инфраструктурни проекти кои се од клучно значење за развојот на економијата и постигнување на одржлив економски раст. „Пренасочувањето на јавното трошење кон инвестициите би ги зајакнало изгледите за среднорочен раст. Предложеното зголемување на тековните трошења веројатно ќе го намами обемот на суштинските јавни инвестиции.“ Понатаму ММФ го нотираат тоа на коешто ние сме сведоци секој ден и се погласно го говориме: „Имајќи ги предвид големите потреби од инвестиции на државата, мисијата препорача да се направи пренасочување на јавното трошење кон инвестициите. Ова би требало да биде поткрепено со мерки за зајакнување на рамката за управување со јавните инвестиции, вклучително и подобро дефинирање на приоритетите и справување со тесните грла при извршувањето на планираните проекти.“

Мисијата на ММФ го критикува и проектот кој Премиерот и неговите министри постојано го ппотенцираат – Минималната плата. Имено ММФ потенцира дека мерката за зголемување на минималната плата нема да биде доволно за да се намали сиромаштијата. Велат, можеби ќе придонесе да се намали сиромаштијата кај вработените лица со ниски приходи, но нема да помогне кај тие што се сиромашни и невработени. ММФ предупредува дека „зголемувањето на минималната плата можеби нема да биде ефективно во намалувањето на сиромаштијата, особено доколку тоа делува кон намалување на формалното вработување“.