ММФ предупредува: Следува најголемата економска криза по Големата депресија

Пандемијата на коронавирусот ќе го претвори годинешниот економски раст во негативен, изјави во четвртокот челничката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, предупредувајќи дека светот се соочува со најголемата и најлошата економска криза по Големата депресија во 30-те години од минатиот век.

Пандемијата ќе има „најголеми економски последици од Големата депресија“ во 1929 година, рече Георгиева чијашто процена доаѓа во пресрет на пролетното заседание на ММФ и Светската банка. Најпогодени ќе бидат земјите во развој и брзорастечките пазари, додаде, и тие ќе имаат потреба од стотици милијарди долари помош.

„Пред само три месеца очекувавме раст на приходите по глава на жител во 160 наши земји членки во 2020 година. Сега работите се свртија наопаку: очекуваме пад на приходите оваа година по глава на жител во повеќе од 170 земји“, рече Георгиева.

Додаде дека очекува делумно закрепнување следната година, доколку пандемијата биде ублажена во втората половина од годинава. Меѓутоа предупреди и дека ситуацијата може и да се влоши.

Карантините и строгите ограничувања на движењата на населението што ги наметнаа многу влади во светот, ги натераа компаниите на затворања и отпуштања на вработените. Претходно седмицава студијата на ОН покажа дека 81 отсто од светската работна сила, односно 3,3 милијарди луѓе, поради пандемијата се соочиле со делумно или целосно затворање на нивното работно место.