ММФ прогнозира раст на германската економија од само 1,2 отсто

Германската економија годинава ќе порасне многу послабо од очекуваното, објави Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Германската економија се соочува со предизвици оваа и следната година, нагласи во средата експертот на ММФ за Германија Оја Селасун, пред сѐ поради ограничувањата во снабдувањето со гас, пишува See Biz.
Слабеењето на глобалната економија е исто така товар.
ММФ сега очекува дека најголемата европска економија ќе порасне за 1,2 отсто оваа година, намалувајќи ја претходната прогноза за 0,8 процентни поени.

Во наредната година активноста треба уште повеќе да забави, со проценета стапка на раст од само 0,8 отсто, утврди ММФ, што е за 1,2 процентни поени послабо отколку што се очекуваше досега. Инфлацијата треба да достигне 7,7 отсто оваа година и да забави до 4,8 отсто во 2023 година, под услов да се стабилизираат цените на енергијата, покажуваат пресметките на ММФ.

Селасун предупреди на висок степен на несигурност во проценките, додавајќи дека најголемата закана за економијата ќе биде трајно и целосно прекинување на извозот на руски гас во Германија и Европа.

ММФ ја повика Германија да биде флексибилна во својата финансиска политика за да може да реагира доколку ситуацијата се влоши. Флексибилноста би можела да опфати и повторено суспендирање на уставната одредба за задолжување.

Попозитивна оценка има од Фондот за мерките преземени од страна на германската влада за обезбедување на снабдување со енергија, вклучително и увозот на течен природен гас (LNG) и складирање гас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.