Многу Французи се за продолжување на протестите

Повеќе Французи, откако се чини дека протесното движење Жолти елеци го губи здивот, сега се залагаат за продолжување на протестите, иако бројот на оние кои го одобруваат ова движење се намалил, покажуваат податоците од истражувањето на јавното мнение што го спровела компанијата Opinion Way за телевизијата LCI.

Францускиот претседател Емануел Макрон во новогодишното обраќање до нацијата изјави дека резултатот од реформите што ги започна не може да биде моментален.

Во слична анкета, спроведена откако на 11-ти декември Макрон ги објави реформите, 54 отсто од анкетираните рекле дека Жолтите елеци треба да ги запрат протестите, а 45 проценти дека треба да продолжат. Во новата анкета, пак, 50 отсто од испитаницате сакаат движењето да запре со протестите, додека 49 отсто сакаат да продолжат.

Поддршка за споменатото движење, кое нема структура и јасни водачи, изразиле 61 отсто од Французите. Во анкетата од 11-ти декември поддршката за Жолтите елеци изнесувала 66 отсто.

Покрај тоа, 60 проценти од испитаниците изјавиле дека новогодишното обраќање на претседателот Макрон не ги убедило. Истовремено, 40 отсто сметаат дека шефот на државата бил „убедлив“, вклучително и 14 отсто кои сметаат дека бил „многу убедлив“.

Анкетата била спроведена на 31-ви декември и 1-ви јануари, а опфатила 1.005 испитаници над 18 години.