Многу патници на летовите од Јужна Африка се веројатно заразени

Холандските здравствени власти соопштија ноќта кон саботата дека врз основа на првичните резултати од тестирањата меѓу околу 600 патници кои во петокот со два лета пристигнале на амстердамскиот аерoдром Схипхол од Јужноафриканската Република веројатно десетици се заразени со новата варијанта на коронавирусот.

Овие патници се изолирани од другите патници на самиот аеродром, поради загриженоста што ја предизвикува новооткриениот сој на коронавирусот кој во петокот официјално беше именуван како „омикрон“.

Кога во петокот допатуваа во Амстердам со двата лета од ЈАР на холандската воздухопловна компанија KLM, патниците со часови чекаа во авионите, а потоа беа тестирани поради стравувањата дека новиот сој е многу позаразен и влијае врз ефикасноста на вакцините против Covid-19.

Врз основа на тестирањата холандското министерство за здравство проценило дека меѓу овие патници би можело да има 85 позитивни случаи.

„Патниците со позитивен резултат од тестот на коронавирусот ќе бидат сместени во изолација во хотел на или во близина на Схипхол“, соопштија холандските здравствени власти.

Холандската влада во петокот ги суспендираше летовите од ЈАР, а министерот за здравство Хуго де Јонг изјави дека сите патници кои веќе се на летовите ќе мора да минат тестирање и карантин по пристигнувањето во Холандија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.