Многу занес и едно писмо

Ова не е колумна, ова е разсказ или некаква белешка, малку подолга, во една крајно некомуникативна и интровентна форма без сериозен обид да се оправда, поентира или било што паметно извлече од неа… долго и развлечено, да, со намера да биде што е можно понечитана.

Ова е писмо до мои блиски во манастир, кои работат на издавање на црковното списание „Премин“, не знам што и како сум сакал и зошто, оти е напишано многу одамна, ама сметам дека треба да го расеам наоколу бидеејки они решија да го објават. Бај д веј, пишувам за нив… да и јас се чудам, ама инсистираат јас, да им праќам текстови. А, кога ќе добиеш повик од Бога, се кажува ли не? Да, јас сум тој… заникаде!

Никој не ме протискаше да пишувам за „Премин“, а мене јангѕа ме јадеше од неколку страни. Од една беше политичка. Еве, со време очигледно мојата емисијатa станува се’ погледана, а и јас некако се’ што ќе кажам се мери под лупа како никогаш досега. 103 ми беше сон, опцуј, тресни глупост, мавај ги со камења сите на кои си им „пис-опф“ и никому ништо… денес за да му вратам некому, ако веќе и ми ојде во моите его-трип-страсти во политичкото миље на оваа земја, морам да го правам како Заобиколните Стратегии на Брајан Ино, па обично кога некој маргиналец ќе ми испцуе мајка, деца, мене и останато по список, улично му враќаш со исти вокабулар, не од друго, штедиш време, сега… ех сега… што заради Совет за радио контузија и разни политички структури и дежурни моралисти од двете страни конфигурации тоа звучи вака –
Драг Г-дине, Ви благодарам на навредите и за мене се особено задоволство што доаѓаа од едно суштество како Вас. Вие сте продукт од порцесот на дигестивниот тракт, симплифициран нуспродукт на варење кој е исфрлен од вашиот ректум и кој плови низ каналицискиот систем, се’ до вашите работодавци доле јужно низ реката Вардар…

…и додека го напишам ова ме здоболува раката, сфаќам дека скратени ми се можностите да се спуштам на примално ниво… не дека не можам, едноставно далеку е тој простор, кој за мене подостарен е како корзо во петок навечер. Поентата ми беше дека почнав да си барам оправдание дека со самото мое пишување ништо добро не донесов.

А овде, во „Премин“, камерноста на мигови е тешко поднослива, мачно е соочувањето со траорноста на вистината, иако кај продуховените таа носи радост… но, клучниот ЗБОР ПРОДУХОВЕН, па колку гледам, нема тука таков, јас сигурно не сум, иако за вас, драги мои браќа и сестри, не се ни сомневам. Понекогаш сакам ветрот да ми го однесе умот и да бидам ко онаа баба што дреме у црква и чека на готовс ако некој новопечен гуштер се прекрсти со лева, па изрипа во сцената како Монти Пајтон: „АХА!!! Никој не ја очекува шпанската инвизиција“ – која ги казнуваше гревовите со меки перничиња.

И пак, после олку години, не ми е јасно што барате од мене? Дајте на скајп ќе ви кажувам вицови по цел ден, што друго знам? Да ви кажувам паметни работи, не дај Боже ако ги очекувате од мене. Барем таму сте собрани начитани, писмени, а згора и имате духовници од Бога пратеници, ама ај да не чепкам, оти колку и да бафтам, пак ќе се вратам во квасецот на моето набрекнато тесто наречено ЕГО.

Фала на прашање добро сум, периодов добро оди, живи сме, а сонот е спокоен онолку колку пати простата ќе те повика, како од минаре на поклонение во салонот на едниствената просторија која не се осветува. Ако вечерта не станам повеќе од два пати – денто потоа е БИНГО, среча, радост и цвечиња по патот никнуваат.

Со умот, слано, книга не можам да дочитам, а ми плаче душа, живеам во параноија дека секој миг можам да ја изгубам работата и дека кога тоа ќе се случи ќе нема кој да ја прехрани фамилијата. А они, фамилијата, децата, во созерцание, поголеми, матерјалното им е споредно освен тривијалноста кога треба да ги кеширам пред искачање. Често сум како Том од цртаниот кога се враќа после журка. Деновите ги поминувам фаќаајки тромбоза и одржувајќи ја мојата претерана тежина по цел ден пред компјутер во висока тензија на мојот портал и фејсбук страница. За твитер не прашујте, Кју Клукс Клаан се дигна против мене, хехехе…

Без еволуција на емоционалната интелигенција сеуште ги имам истите проблеми уште кога имав 15 години, а во тоа време светот се прашуваше која е подобар гитарист, Ричи Блекмур или Џими Пејџ. Ми остана само сарказмот како единствен начин да се справам со секојдневицата, молитва нула, патот кон црква е поплочен со минско поле, а утињањето на најесенцијалните празаници е дисциплина за која станав тркратен шампион. Ви се верува ли дека три години по ред ја заборавам куќната слава? Сега дали вие пооправдан кунг-фу-то од духовникот кон мене?

Право на избор, слободна личност?!?! Дедо Боже, стави генералска униформа и направи државно-небесно-земски удар. Ја со оваа слободна воља не знам што више со неа. Направи ме твој роб и мавај појако со камшикот. Праќај ја таа планетата Нибуру кон Земјава и да заврши оваа приказна овде бидеејќи Доо-Планета, оддел-човештво, не го бива веќе. Под стечај! Пакувај не’, истреби оризот и она што вреди прави сутлијач. Другото в оган.

Се’ повеќе сум уморен и ми е сеедно, а се помалку имам одговори на прашањата кои ми ги поставуваат, остај се, се’ повеќе некако и ич не ми е гајле. Успеав да направам еден ескапизам, безбожнички, ова лето, 7 дена поминав без да успеам да срочам една мисла, дремев на кревет буквално лоботомиран, како да ми исчезна и личности дух и мисла како со мокар сунѓер некој да помине на таблата испошарана со 12 кила креди… спокој… кој траеше ептен кратко. Ми треба двор со домати, да полевам и некоја мачка да ми дреме во скутот, колку да погалам нешто живо. Да не говорам, а логорејата да ја откорнам со клешта. Да, прашјте го Дедото, дали сте виделе некој духовник додека беседи да му се убацува некој? Да дебатира? Да се дообјаснува да прераскажува… да јас го правам тоа…  и после дали треба да бидам леботомиран? Електро шокови само од далновод, и ова кажано без пепел.

Толку ногу, премногу ме окупира секојдневната борба, што мудроста за умот и разумот кај мене е станата пудинг со шлагче одозгора. (Вие се пријаде? И мене!) И кога конечно кренав раце ОД СЕ’, НЕКА ИДЕ СЕ’ ВО БЕСТРАГА и дека баш ми е гајле што станувам се полош човек, конфликтен, кој е се помалку толерантен дури и со продавачките, а камо ли со остатокот од светот… ми пристигна ова… едно утро најдов писмо покрај мојот кревет.

Писмото е од мојот малолетен син…

Хеј, Јанкоу (The Man), Еве ме јас седам на еден затуцан камен сред кеј, на овој наш меѓународен празник (напред наши) за независност 08.09, и прилично се стемнува, облаци бучат, свежо е, има и полна месечина, па решив да се изнапишам за тебе. За почеток сакам да кажам БЛАГОДАРАМ со топла насмевка, за се’ што си ми овозможил и за одличен татко кој дава се’ од себе да биде таков и константно се движи кон подобро. Ваквите односи кои некои ги немаат, многу ги ценат, а други не ценат додека не загубат како онаа поговорката бла бла, сметам на време намирисав што имам и е прав благослов, уживам додека има. Јас впрочем не се изјаснувам вербално за благодарност (барем порано не) него со дела и односи истакнувам такви вибрации, затоа е писмово, да не останам неискажан. Гризам од цитронот што го земав уз пат навака, со кусурот од парите кои ми ги даде за солна киселина за да го чистиме вецето (јас на продавачката и кажав дека е за геноцид на инфестацијата од глувци што ја имаме дома). Но, доста за моите шармови, јас и ти сме, покрај крв и пријатели. Каде што едниот излегол од семенот на првиот (хаха хихи), во свет каде име тешкотии, но предизвикот го прави добро, исполнувачко и исплатливо (општо за секој напор), а со секој предизвик со пораз кон подобар и поискусен човек, и самиот поглед на тоа не треба да се гледа како жртвите, ние измачени, повеќе како авантура низ која учиме, се стремиме. Забавно е, башка ептен му давам лајк кој му текнало браво 5-ка од мене, најважно што ние може да сториме (ова веќе врти и као порака за цел свет) е да САКАМЕ. ЉУБОВ! Секое дело да произлегува од љубов не од страв, што звучи клише но е проста филозофија ако цврсто се врземе кон донесување на секоја одлука од желба и љубов кон создавање нешто, за разлика страв – сигурност, избегнување работи, неприфаќање, па ќе дадам се’ во мојот капацитет да максимално споделам љубов со светот (првин ќе се збогатам за поголемо влијание)… и така. Ова беше трогателно и за мене време ми е за првиот Оскар. Време е да отпатувам према дома, каде ќе го догледам филмот до пола што заглавив (пак ради жените што умешуваат) што се однесува за тоа како дошол успешниот сопственик до ракување со хотелот (ја на такви успешни одма се возбудувам), да „скувам“ чај од нане попат и полетувам кон реалмот на соништата. Само напред, може следен пат ќе пишувам и за мама, кој знае, колку и да ме нервира, ја гледам за доброто што е. Вечна да е вистината, љубовта, Македонија, Мојот успех, џусерот за сокови, и Лека Ноќ.                                                        

Бацки, Син ти Максим 16 г. (лепота)

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.