Мнозинството наставници сакаат наставата да се одвива со физичко присуство, но целодневното носење маски е штетно

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека мнозинството наставници сакаат наставата да се одвива со физичко присуство. Тој во интервју за Радио Слободна Европа рече дека за ова се согласни и поголемиот дел од родителите на учениците.

-Меѓутоа, ваквиот модел на одржување на настава со физичко присуство е многу напорен и за учениците и за наставниците. Ќе дадам еден пример на што е тоа напорно. Прво, носење на маска повеќе часови непрекинато во текот на денот е навистина штетно. Од аспект на тоа што учениците со самото влегување во училиште до излегување од училиштето ги носат маските, меѓутоа, да не заборавиме дека и наставниците исто толку време поминуваат со маска. Една или две маски некои наставници носат, што е исклучително тешко за изведување настава, за дишење, за дишење на квалитетен воздух без разлика дали се проветрува средината, училницата или не. Наставниците и учениците издишуваат јаглерод диоксид и истиот тој јаглерод диоксид повторно го дишат во своите бели дробови, вели Неделков.

Претседателот на СОНК рече дека Синдикатот барал од МОН да се направи промена на начинот на настава и часовите да се скратат на 30 минути, а да се зголемат одморите.