МНР чека информации од Кабул за убиениот македонски државјанин

Ве информираме дека Министерството за надворешни работи се уште нема потврда од Авганистан за убиството на македонски државјанин во Кабул и веднаш испрати барање за официјална информација до авганистанските институции.

По добивање на официјална информација од авганистанските власти, согласно законските процедури, МНР ќе го извести Министерството за внатрешни работи, велат од МНР.

Според полицијата во Кабул, 37 годишен македонски државјанин е меѓу тројцата странци убиени утрово во главниот град на Авганистан. Сите тројца биле вработени како готвачи во француската компанија за храна и кетеринг „Содексо“, а работеле на аеродромот во Кабул.

Индиски, малезиски и македонски државјанин биле киднапирани и убиени. Ние ги најдовме нивните тела. Во оваа фаза од истрагата сметаме дека станува збор за терористички инцидент, изјави Хашмат Станекаи, портпаролот на началникот на полицијата во Кабул.

Според полицијата, тројцата се возеле во службен автомобил, кој што бил управуван од локален шофер, кога биле киднапирани во источниот дел од Кабул. Автомобилот заедно со нивните мртви тела бил пронајден во Мусаи, кварт во јужниот дел од главниот град.

Официјални претставници од афганистанската полиција соопштија дека се пронајдени лични карти до телата, а претставници на Содексо дошле на местото на настанот и ги потврдиле идентитетите на тројцата убиени. Од француската компанија засега не се достапни за коментар.