МНР им испрати печки на дрва и училишен прибор на Македонците во Албанија

Првиот дел од помошта за Македонците од Албанија во која се вклучени училишен прибор и печки на дрва денеска се упати кон Пустец и Голо Брдо.

Министерот Бујар Османи истакна дека по остварената посета на Пустец и на Голо Брдо на крајот на минатиот август, како и по заклучоците на Владата на Република Северна Македонија кои уследија како директен резултат на посетата, денес бил упатен првиот дел од помошта за Македонците во Албанија, а за која тој лично се заложил при тамошната посета.

Ученички ранци, училишен прибор за повеќе од 130 ученици и печки на дрва, се донација на Министерството за образование и наука, соодветно на потребите на училиштата каде настава поаѓаат припадници на Македонското национално малцинство.

„Посебно сум задоволен што денес успеавме да реализираме прв дел од помошта за Македонците од Албанија, за која лично се заложив при мојата посета на Требиште и Пустец, каде имав средба со Македонските здруженија од Албанија“ изјави Османи и додаде дека согласно барање на жителите на Требиште, обезбеден е и булдожер за чистење на снег, кој ќе биде доставен за кратко време.

Османи се заблагодари на Министерството за образование и наука и ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта за обезбедената донација.

Нагласи дека Северна Македонија ќе продолжи со обезбедување на поддршка за припадниците на Македонското национално малцинство во Албанија, како преку конкретна помош како денешната опрема за училиштата, така и преку поширока институционална поддршка за заштита и промоција на нивните јазични и културни особености во Албанија.