МНР на Бугарија е изненадено од бројката на попишани Бугари во Македонија

Република Бугарија во повеќе наврати изјави дека од огромно значење е создавањето услови за слободна самоидентификација на граѓаните со бугарска самосвест во Република Северна Македонија и гарантирање на нивните права, стои во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи по повод резултатите од пописот во Македонија.

Бугарската дипломатија истакнува дека „со големо изненадување ги прифаќаат објавените податоци за бројот на граѓани кои на пописот се изјасниле како Бугари“.

-Ја забележуваме драстичната неусогласеност меѓу овие податоци и податоците за бројката од над 100.000 граѓани на Северна Македонија кои лично поднеле документи со кои се докажува бугарското потекло и самосвеста за добивање бугарско државјанство. Ги земаме во предвид сомневањата искажани за транспарентноста и кредибилитетот на процесот, наведени од организациите на Бугарите во Северна Македонија, како за време на пописот, така и при објавувањето на резултатите. Очекуваме нивниот глас да го слушнат и македонските власти, соопшти бугарското МНР.

Според објавените податоци на Државниот завод за статистика, 3504 граѓани на пописот се декларирале како Бугари.