МНР на Бугарија: Реформи и отстапки за името за членство во НАТО и ЕУ

Бугарија сака Македонија еден ден да биде членка на НАТО и на Европската Унија, но за тоа да се случи потребни биле реформи, смета шефот на бугарската дипломатија Даниел Митов.

Во интервјуто за македонските дописници од Грција, на маргините на министерскиот состанок во Солун, Митов порача дека во однос на прашањето за името, секој треба да има можност да биде флексибилен и дека токму моменталната ситуација давала можности за придвижување во однос на одредени прашања.

Треба да се спроведат избори, но тие треба да бидат направени на основа на сите правила. И најважното нешто се реформите, реформите кои што се договорени треба да бидат исполнети. Не може да се обвинуваат ЕУ и НАТО за тоа што не сте поканети или дека Република Македонија не започнала преговори, па тоа ја предизвикало кризата. Токму обратно е, прво се прават реформите, така беше и со Бугарија. Прво се прават реформи, владата покажува волја и ги прави неопходните институционални промени, ја создава неопходната средина за да одговара на Европските стандарди и така се оди кон членство. На таков начин треба да се гледаат и нештата во однос на Република Македонија.

НЕТПРЕС:Ги споменавте реформите. Не ли мислите дека единствениот проблем поради кој што Македонија не е член на НАТО и ги нема започнато преговорите со ЕУ е само проблемот со името со Грција, со оглед на тоа што Македонија уште во 2008 ма и 2009 та доби препорака за старт на преговорите со ЕУ и за членство во НАТО?

Проблемот со името сигурно е нешто што треба да се спомене како фактор, но истовремено не треба да се заборави дека и владата во Скопје има своја одговорност за постигнување на спогодба во однос со името. Така што треба да сме на јасно дека неопходно е да се направат отстапки од секоја страна. Нема да коментирам повеќе на темата, Бугарија не е страна во тоа прашање, но според мене во моменталната ситуација има можности за придвижување по секое едно прашање, по секое едно прашање.

НЕТПРЕС: Пред некој ден вашиот премиер Бојко Борисов изјави дека со лидерот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски избегнува средби, не сакал да му каже добар ден итн. На што се должи ваквиот однос на вашиот премиер кон лидерот на владејачката партија, а од друга страна каков е вашиот став во однос на опозициската СДСМ и нивниот лидер Зоран Заев?

Видете, ние не поставуваме разграничување и не фаворизираме една или друга политичка партија во Република Македонија. Сите се легитимни учесници во политичкиот процес, тоа треба да се земе в предвид, а политичките партии во Република Македонија треба да најдат начин да работат за европската и евро-атлантската иднина на својата држава. Што се однесува до конкретната реплика, не можам да говорам од името на премиерот Борисов, тоа е јасно, но очигледно е дека политичката криза во Република Македонија создава определен тип на фрустрации.   Тие проблеми веќе требаше да бидат решени, требаше да се придвижиме многу напред. Бугарија е непосреден сосед на Република Македонија и има полза од тоа Република Македонија веќе да беше придвижена и да ги направеше сите тие реформи за кои што се говори цела година.

НЕТПРЕС: Мислите ли дека доколку опозициската СДСМ дојде на власт, тие би биле пофлексибилни за наоѓање решение со Грција ?

Тоа прашање треба да го упатите до партиските лидери, за тоа кој ќе биде пофлексибилен, а кој по затворен, јас не можам да кажам. Според мене, политиката е искуство на компромиси и на взаемни отстапки. Секој треба да има можност да биде пофлексибилен.

Коментирајќи ја серијата од преговори околу договорот за добрососедство меѓу двете земји, Митов вели дека се стигнало речиси до заклучна фаза, но дека предуслов за потпишувањето на евентуален договор е да имаме формиран Парламент, но и да создадеме меѓусебна клима која што нема да дозволува шпекулации. Но, според него, политичката ситуација во Македонија во моментов не оставала простор за оптимизам.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.