МНР: Наводите дека во францускиот предлог македонскиот јазик „не е чист“ се неточни, опасни и им штетат на интересите на државата

Министерството за надворешни работи вечерва соопшти дека најостро ги демантира наводите кои се споменуваат во јавноста дека македонскиот јазик „не е чист“ во француската предлог преговарачката рамка за отпочнување на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

– Ваквите наводи се неточни, опасни, ја доведуваат во заблуда јавноста и им штетат на интересите на државата. Ја информираме јавноста дека македонскиот јазик е неспорен и не е условен во предлог преговарачката рамка, која меѓу другото е преведена (и објавена) на македонски јазик од страна на преведувачките служби на Советот на ЕУ. Став 22 од предлогот недвосмислено кажува дека правото на ЕУ ќе се преведе на македонски јазик: “Северна Македонија ќе треба навремено да направи преводи на правото на ЕУ (acquis) на македонски јазик пред пристапувањето и ќе треба да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за правилно функционирање на институциите на ЕУ по нејзиното пристапување”, се наведува во соопштението.

Од МНР посочуваат дека согласно позициите консензуално утврдени од страна на нашето Собрание во Декларацијата за спорот со Република Бугарија, наша цел беше позицијата на Република Бугарија во однос на македонскиот јазик да не стане и позиција на ЕУ, а во оваа предлог рамка тоа е целосно исполнето.

– Практичната потврда за ваква неспорна употреба на македонскиот јазик ќе биде потпишувањето на Договорот за Фронтекс, со стандардна клаузула каде е наведен македонскиот јазик (без фусноти или дообјаснувања). Потпишувањето на Договорот за Фронтекс е предвидено да се случи веднаш по одржувањето на првата Меѓувладина Конференција помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ и државите членки. Оттука, овој меѓународен договор меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, односно, државите членки, и на македонски јазик, ќе стане дел од законодавството на ЕУ, се истакнува во соопштението.

Според МНР, со овој договор, и нему сличните во иднина, како и со преводот на правото на ЕУ на македонски јазик во текот на преговорите за членство, македонскиот јазик ќе биде вклучен на исто рамниште во групата на официјални јазици на ЕУ, по нашиот прием во ЕУ.

– Тврдењето дека Република Северна Македонија требала да бара цврсти гаранции преку внесување на поглавјето 34 во преговарачката рамка е погрешно и манипулативно. Поглавјето 34 се дискутира на крајот на преговарачкиот процес, кога е извесно дека земјата кандидат ќе стане земја членка на ЕУ. Ова поглавје не е ексклузивно посветено на внесување на јазикот на земјата кандидат за членство во семејството на официјални јазици на ЕУ и уште помалку има амбиција да признава јазици, поосчува Министерството.

МНР наведува дека во поглавјето 34 се разработуваат институционалните и процедуралните правила на ЕУ и видовите адаптации кои се неопходни да се направат во постоечкото ЕУ право за да внесе во прием новата земја членка (на пр. соодветната застапеност на новата земја членка во телата на ЕУ итн.), а земја кандидат нема процедурална можност да го отвора ова поглавје ниту да го дискутира пред отворањето на преговорите.

– Министерството за надворешни работи, заедно со Владата на Република Северна Македонија и сите релевантни чинители, ќе работи напорно во претстојниот период да ги надмине сите недоразбирања со Република Бугарија, согласно со Договорот за добрососедски односи, и со цел обезбедување на непречени преговори и брза интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ. Предлог рамката со недвосмислен македонски јазик и идентитет претставува основа за започнување на процесот на преговори, се додава во соопштението на МНР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.