МНР побара потврда за апсењето на почесниот конзул во Шпанија

Министерството за надворешни работи на Република Македонија соопшти дека преку Амбасадата во Мадрид е побарана верификација на информациите објавени во шпанските медиуми за наводно апсење на почесниот конзул на РМ во Барселона, Марио Деус, обвинет за убиство на двете малолeтни деца, од Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи на Кралството Шпанија.

– По добивање соодветни информации ќе бидат разгледани опциите за одземање, односно задржување на неговиот статус почесен конзул на РМ во Кралството Шпанија, информираат од МНР.

Марио Деус, почесен македонски конзул во Барселона, кој е шпански државјанин, е уапсен во Јужна Африка поради сомневање за убиство на своите тригодишни близнаци.

Според деталите од јужноафриканската полиција, телата на близнаците, момче и девојче, ги пронашла нивната мајка Ј.Е. која е швајцарска државјанка во летната резиденција на Деус во Хоунг Беј, блиску Кејптаун. Кога таа стигнала во вилата, Деус влегол во нејзиното возило и побегнал, но подоцна бил уапсен во Кејптаун.

Како што пренесуваат Ел Паис и Еуропа прес, истрагата се’ уште не го соопштила мотивот за ова злосторство, а не се разјаснети ниту околностите под кои тоа е извршено.

Според полицијата, Деус наскоро ќе биде изведен пред суд за две убиства и за кражба на автомобил.

Улогата на почесен конзул е поразлична од таа на конзул од кариера, функција која во Шпанија е исклучиво резервирана за дипломати. Почесните конзули, пак, најчесто се бизнисмени или претприемачи. Почесниот конзул, кој ја претставува земјата во области каде таа има мала присутност и влијание, најчесто е државјанин на друга земја и треба да има добри контакти со властите и бизнис секторот во земјата каде ја обавува таа функција. Може да биде почесен конзул на две или повеќе земји истовремено.