МНР реагира на навредливиот говор на албанската пратеничка Дода

Министерството за надворешни работи ги осудува јавните настапи со навредлива и запалива реторика на официјални лица на Република Албанија, кои се однесуваат на Република Македонија, се вели во реакцијата на македонското МНР на говорот на албанската пратеничка Месила Дода.

„Неодговорните изјави на јавни личности, кои, по својата функција, налагаат и подразбираат одговорност за јавно искажаниот став, не се во духот на добрососедските односи и декларираните заложби за пријателство и соработка меѓу двете земји, и особено не во духот на европските вредности.Со сето разбирање дека изјавите се индивидуален став и чин на поединци, очекуваме официјалните лица во соседството, да се воздржат од потпалување на тензиите во Регионот.Далеку покорисно би било доколку нивната енергија би ја насочиле кон конструктивни предлози и иницијативи – со што би ја зајакнале соработката и довербата меѓу двете земји, би го подобриле стандардот на граѓаните, но и би ја забрзале европската интеграција.Остануваме уверени дека пратеничката функција подразбира голема чест, но и највисока одговорност“, се вели во реакцијата

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.