МНР смирува по најавата на Каракачанов за можна блокада

Процесот на дијалог продолжува, наведуваат од Министерството за надворешни работи, по најавите од Бугарија за можна блокада на преговорите.

Од МНР велат дека како и досега, земјава ќе продолжи со засилена комуникација и консултација на политичко ниво со Република Бугарија и со сите релевантни чинители во ЕУ контекст.

Додаваат дека клучната порака ќе биде дека беше започнат исклучително важен и сложен процес на дијалог кој претполага зближување и градење пријателство, низ заемно почитување, како две соседни европски држави.

„Во оваа смисла, почитувањето на идентитетот и достоинството, европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси“, стои во соопштението од  МНР.

Додаваат дека за сите евентуални разлики по одредени прашања, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е токму рамката за решавање на долготрајните билатерални разлики во толкувањето на историски прашања кои ги оптоваруваат односите помеѓу двете држави децении наназад.

„На неговата имплементација, која е двострана обврска за двете држави, остануваме и натаму целосно посветени во добра волја“, се додава во соопштението од македонското МНР.

Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, ако мешовитата комисија не постигне согласност за отворените историски прањања, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Според официјална Софија, македонската страна ги избегнува состаноците на историчарите за да не се соочи со решавање на прашањето за Гоце Делчев и со тоа покажува дека нема желба да води искрен дијалог.

Каракачанов не сакаше да каже дали Бугарија ќе продолжи да го проблематизира македонскиот јазик.