МНР со Бујар Османи е во слободен пад во однос на квалитет, вели Дабиќ

Проблемот на господинот Османи е веројатно тоа што се залагаме како синдикат, а јас како прв човек на синдикатот да речеме враќање на пристојноста на дипломатијата, враќање на професионализмот, враќање на знаењето во МНР. Многу е во слободен пад министерството, во слободен пад е и во однос на квалитет, и во однос на амбиции за работа, и во однос на ентузијазам, половина луѓе не работат ништо. Таму владее една зачмаеност“, истакна Зоран Дабиќ, претседател на македонскиот дипломатски синдикат при гостување во утринската емисија на радио „Лидер“.

Дабиќ додаде дека и кога ќе се крене гласот во такви услови, тоа му пречи на министерот за надворешни работи, бидејќи тој сака да е главен.

-Луѓето со потсмев веќе зборуваат за македонската дипломатија, рече Дабиќ.

Тој посочи дека дебела партизација во има во МНР. Јавна тајна е дека не се почитува мерит системот во МНР. Во самото министерство селективно се напредува, а кадрите кои не се од политички интерес се тргаат на страна и се изолираат.

-Во МНР јас вака со моето 30 – годишно искуство гледам последниот период би го поделил на два периода. Првиот е впумпување на партиски кадри масовно во министерството. Тоа е страшен период на впумпување на кадри на одредена политичка партија. А, сега е втората фаза веќе кај што тие кадри се креваат на повисоко ниво, и веќе полека доминираат и во структурата директорска да кажам највисоката и полека и во амбасадорска и луѓе кои што се во влијание. Значи тоа се прави забрзан, укажа Дабиќ.

Самиот Дабиќ во текот на гостувањето рече дека е многу загрижен за последниот партиски ангажман што го доби министерот Османи да ги средува работите во партискиот огранок во Чаир.

-Османи е министер за надворешни работи, и малку е споиво со партиската задача што му ја додели неговиот лидер и неговиот веројатно единствен шеф. Тој како министер има целодневна работа, и уште повеќе што е полошо оваа работна партиска задача доаѓа во време кога тој е во ек со нашето претседавање со ОБСЕ, појасни тој.

Дабиќ запраша кој му е приоритетот на Османи да биде министер за надворешни работи и да претседава со ОБСЕ или пак да средува работи во партискиот огранок во Чаир.