МНР: Софија потклекнува пред провокациите

„Министерството за надворешни вработи со внимание ги следи изјавите и активностите кои доаѓаат од Република Бугарија и со жалење констатира дека последните активности на официјална Софија, не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи; напротив, тие претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете Влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји“, соопшти денес МНР по повод повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Македонија.

„Иако повикувањето на амбасадор на консултација во матичната држава е право на земјата испраќач и редовна дипломатска пракса, Министерството за надворешни работи изразува жалење за ваквиот чекор кој смета дека е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален“, се вели во реакцијата.

Се додава и дека Северна Македонија покажа силен демократски и институционален капацитет и низ брза и ефикасна постапка го стави последниот инцидент низ правосудните процеси, откривајќи ги и приведувајќи сторител на кривичното дело, против кого активно се водат истражни дејствија.

„Дополнително, преку своите изјави на највисоко ниво, претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи го осудија инцидентот, а министерот дополнително оствари итна посета на Софија, вклучувајќи посета и на повредениот со цел јасно да ја демонстрира одлучноста на државните органи во обезбедување правна сигурност, безбедност и одржлив јавен ред“, вели МНР.

Од Министерството додаваат дека во периодот што следи остануваат внимателно да ги следат сите изјави и постапки на официјална Софија, очекувајќи смирување на страстите и отстранување на провокациите, со цел повторно враќање на дипломатските активности, на приоритетите кон заедничките проекти, работните групи итн., кои се во насока на зачувување и унапредување на добрососедските односи.