МНР за протераниот дипломат вели дека Русија донела политичка одлука без основ

38

Вршителот на работите во Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва, Оливера Чаушевска Димовска беше повикана во Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, каде ѝ беше врачена Нота за прогласување персона нон грата на наш дипломат – втор секретар.

Како што соопшти МНР, одлуката на руското Министерство за надворешни работи, за протерување на дипломатот, кој неодамна беше делегиран во Руската Федерација, преставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ.

„За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени евидентирани докази за негово дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји“, се вели во соопштението на МНР.

Министерството додава дека во Амбасадата во Москва останува да ги извршува своите обврски вршителот на работите, а наскоро ќе биде упатен и новиот амбасадор акредитиран за Руската Федерација, кој ги помина сите чекори за упатување.

Претходно, руското МНР соопшти дека „мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за „персона нон грата“ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.