Мојаноски до Пендаровски: Возобнови ја иницијативата на Трајковски во услови на вонредна состојба и свикај ги лидерите на верските заедници

Положбата на верските заедници во дадена држава и моделите на односот помеѓу државата и верскиот субјект се резултат на одредени историски и политички контексти, вели универзитетскиот професор  и поранешен претседател на Комисијата за односи со верски заедници, Цане Мојаноски.

Мојаноски во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ рече во Македонија, таквиот однос повеќе се набљудува како интерес на партиските субјекти да ги инструментализираат верските заедници за свои потреби.

-Во овие 30 години имаме повеќе примери каде може да го препознаеме тоа. Најчесто крупните случувања се случуваат токму во такви периоди кога постои повисок степен на загреаност на чувствата на граѓаните и политичката енергија околу потребата на легитимирање на нова власт, изјави тој.

Зборувајќи за Комисијата за односи со верските заедници, професор Мојаноски смета дека една од основните слабости кои можеме да ги извлечеме како искуство од вонредната состојба е дека треба да погледнеме како се поставени одреден институции и каков е нивниот капацитет, односно што може да се очекува од нив.

-Борис Трајковски во 2001 година ги собра верските субјекти и тоа тело се покажа како извонредна меѓуинституционална форма на која се упатуваа верските заедници. Такво тело сега не постои. Тоа е преземено од верските лидери како облик во кој се среќаваат и договараат, анализира Мојаноски, напоменувајќи дека Комисијата за односи со верски заедници е тело кое лебди во државната организација.

-Таа нема посебни овластувања. Во координацијата на државните органи постои отпор. За значителен дел од активностите на Комисијата, пројавува интерес Министерството за култура, Министерството за надворешни работи и објективно кога ќе се погледне финансиската положба, не може да се очекува премногу од Комисијата, вели поранешниот претседател на Комисијата.

Тој го повика претеседателот Пендаровски да ја возобнови иницијативата на Трајковски во услови на вонредна состојба.

Коментирајќи ги последните случувања со верскито собир во Струга и непочитувањето на мерките за безбедност при справувањето со корона вирусот, како и изјавите на политичарите, Мојаноски тврди дека за одговорнос постојат органи.

-Личната и политичката перцепција за одговорност кај верските субјекти треба да се стави на страна. Во државата има истражни органи кои треба да се произнесат дали постои прекршочна или некаква друга одговорност. Прашањето што ние треба да го отвориме е како да превенираме слични случаи во иднина. Во таа смисла, би требало во рамките на Владата, на Претседателот, да се остварат значителен број на интеракции со претставниците на верските субјекти. Под итно треба да делуваат државните органи како потреба од пренасочување на негативната енергија која се создаде од последните случувања, вели универзитетсткиот професор.