МО ќе даде милион евра за кампањата за референдумот

Министерството за одбрана ќе стави на располагање нешто помалку од 60 милиони денари за кампањата за претстојниот референдум за договорот меѓу Македонија и Грција, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Отворениот ден на АРМ за граѓаните по повод Денот на Армијата на Република Македонија – 18 Август.

– Министерството за одбрана е едно од тие кои најмногу треба да биде заинтересирано за нашиот стратешки приоритет и од нашиот сектор за финансии испративме информација дека на располагање ставаме нешто помалку од 60 милиони денари, кои беа планирани за слични активности, но кои сметаме дека е подобро да ги искористи Собранието, а не ние поединечно, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање.

Истакна дека на следната владина седница, која како што кажа, ќе се одржи во среда наутро, официјално ќе се одреди сумата која ќе се оддели за кампањата за претстојниот референдум.

– Она што е јасно е дека практично Владата не сака да биде главниот актер, заради тоа што Собранието е тоа што ја донесе одлуката за референдум и со тоа ќе покажеме дека Владата нема политичка или партиска агенда, туку навистина на ова прашање е сконцентрирана на клучниот интерес на Република Македонија – да не биде изолирана држава, да биде држава со перспективи, да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ, рече министерката за одбрана на Отворениот ден на АРМ за граѓаните.